Некои тоа го прават вешто – втор FMCG самит во Македонија

13

FS_FB_851x315px_4

И оваа година магазинот InStore застанува зад организацијата на вториот FMCG самит што ќе се одржи на 13-ти мај во хотелот Александар палас.

Регионалниот магазин за трговија со стока за широка потрошувачка InStore и оваа година ја продолжува мисијата за обединување и унапредување на трговскиот сектор. На 13-ти мај, во хотелот Александар палас, InStore на едно место ќе ја собере лидерската елита на трговскиот сектор во земјава.

Искуството од минатогодишниот FMCG самит покажа дека на FMCG секторот и тоа како му е потребен ваков настан, за што зборува присуството на повеќе од 250 претставници на врвниот менаџмент, секторите за маркетинг, трејд маркетинг, набавка, логистика и продажба од над 80 синџири на маркети, произведувачи, дистрибутери, консултанти, агенции и компании кои водат придружни дејности.

“Живееме во време на континуирана политичка и економска нестабилност. Сликата не е розова ниту во нашата земја, ниту во поширокиот регионален и светски контекст. Трговијата со стока за широка потрошувачка, како сектор што го карактеризираат секавични промени, се наоѓа распната меѓу потребата да биде во чекор со времето и принуденоста да ги трпи ударите на разните кризи. Но, бизнисот е секојдневна борба, исто како и животот и секогаш има победници. На FMCG самитот ќе разговараме токму за тоа – како да се биде победник сега и тука, во времето и местото каде што живееме и работиме“, вели главниот и одговорен уредник на InStore – Македонија, Верица Мартиновска.

Програмата на вториот FMCG самит во Македонија ќе понуди домашни и регионални приказни на тема: лидерство, менаџмент со категории (category management), преговарање и продажба, промоции и приватни трговски марки. Презентации, истражувања, тркалезна маса – чија цел е инспирација, едукација, размена на идеи и целодневно дружење на учесниците на самитот.

FMCG самитот е главниот годишен настан на магазинот InStore, кулминација на тематските конференции Talk IN business што се одржуваат секој месец.