НЛБ Тутунска банка со нето добивка повисока за 38,2%

23

nlb tutunska

НЛБ Тутунска банка, во период од први јануари до 31-ви март оваа година, оствари нето добивка од 197.453.000 денари, што е пораст од 38,2% во однос на истиот период лани, стои во анализата на Билансот на успех на банката, објавена на Македонска берза.

Во првото тримесечје од оваа година, нето каматните приходи се повисоки за 15,5% во однос на истиот период претходната година. Приходите од камати се зголемени за 2%, во најголем дел поради зголемување на кредитното протфолио кај сегментот население, подобрување на квалитетот на кредитното протфолио и повисок износ на наплатени претходно отпишани камати. Расходите од камати се пониски за 13,6% што се должи на намалување на каматните стапки на депозитите соодветно на пазарните услови, пониски состојби на депозити од банки и обврски по кредити.

Нето приходите од провизии се зголемени за 5%. Приходите од провизии се зголемени за 7% како резултат на зголемување на обемот на работа што резултираше со остварени повисоки приходи од домашниот платен промет, од картичното работење и од услугите преку деловната мрежа на Банката.

Расходите за провизии се повисоки за 13,6%, главно поради повисоки расходи од картично работење, од кеш центарот и домашниот платен промет, при пониски расходи по провизии за обврските по кредитните линии.

Останатите некаматни приходи изнесуваат 54.750.000 денари и се пониски за 51,4% во однос на претходната година, поради повеќе пресметани резервации за вонбилансна изложеност во однос на истиот период од минатата година.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 773.047.000 денари и се пониски за 2,6%. Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 406.092.000 денари и се повисоки за 10,1%.

Во првото тримесечје од 2014 година беа издвоени исправки на вредноста на финансиските средства, на нето основа во износ од 144.860.000 денари. Издвоените исправки соодветствуваат на структурата и на квалитетот на пласманите на Банката.