Нова пречистителна станица за третман на отпадни води во Кичево

79

Општината Кичево вчера доби нова пречистителна станица за третман на отпадни води, со што трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина. Пречистителната станица е сместена во близина на Кичево е со инсталиран капацитет за 48.000 жители. Реализацијата на проектот вклучува и изградба на колектор и пристапен пат.

Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Кичево е финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), од делот за регионален развој – компонента три. Вкупната вредност на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево изнесува 8,3 милиони евра.

Реализацијата на проектот е во соработка со Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии. Успешната реализација на овој проект е предуслов за реализирање на уште поголем проект за општина Кичево во рамките на ИПА 2 кој предвидува рехабилитација и изградба на нова  канализациона мрежа во должина од приближно 100 километри.

Пречистителната станица во Кичево ќе биде од огромно значење за жителите од овој крај како и за подобрувањето на квалитетот на животот.

Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево ја реализираше компанијата WTE Group, која е во сопственост на ЕВН Групацијата. WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ, присутна во 18 европски земји со проекти од оваа област.

Пречистителната станица во Кичево е изградена за помалку од две години и е втора што е пуштена во употреба во рамки на проектот. Првата пречистителна станица беше пуштена во употреба кон крајот на минатата година, а лоцирана е во с. Сачево, Струмица. Се очекува наскоро да биде пуштена во употреба и третата пречистителна станица која се наоѓа во Радовиш. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.