Нови два отворени инвестициски фонда на пазарот на капитал

22

ВФП Премиум Инвест и ВФП Кеш Депозит се новите отворени инвестициски фондови кои добија одобрение за организирање од Комисијата за хартии од вредност на Македонија. Основач на фондовите е Друштвото за управување со фондови ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје. Новите учесници на пазарот на капитал ќе прибираат парични средства преку продажба на удели во фондот, а истите ќе ги вложуваат во согласност со Законот за инвестициски фондови, Статутите и со Проспектите на фондовите.

Инвестициската цел на ВФП Премиум Инвест е остварување на адекватен принос за сопствениците на удели во фондот, односно раст на вредноста на уделот на долг временски период. Инвестициската цел ќе се оствари преку професионално управување со средствата на фондот, односно креирање на портфолио на хартии од вредност на најразвиените и најрегулирани пазари во светот. Во фокус на инвестициската политика на фондот ќе бидат големите компании Large Caps кои се лидери во сопствените индустрии и имаат континуирана и растечка историја на исплата на дивиденда кон инвеститорите.

Во процесот на вложувањето особено внимание ќе се обрне на минимизирање на ризиците кои може да се јават кај овој вид на инвестирање. Со оглед на инвестициските цели и политика, Фондот првенствено е наменет за вложувачи со среднорочен или долгорочен вложувачки хоризонт и умерен степен на толеранција кон ризикот, кои сакаат да постигнат специфични инвестициски цели, диверзифицирајќи го своето портфолио на глобално ниво. Временски период кој е препорачлив за вложување во Фондот е најмалку пет години.

Средствата на фондот ќе бидат инвестирани во хартии од вредност на издавачи чие седиште, односно претежна дејност се врши на територијата на следниве земји – САД, земји членки на ЕУ, ОЕЦД, ЦЕФТА и Р. Македонија, како и држави надвор од Европа чии регулирани пазари на хартии од вредност се членки на Светската федерација на берзи WFE .

Според инвестициската стратегија, ВФП Кеш Депозит е првенствено наменет за инвеститори кои не сакаат своите средства да ги изложат на висок ризик, ценовни осцилации и кои во релативно пократки рокови сакаат да остварат атрактивен принос на своите средства. Како инвеститори на Фондот може да се јават сите домашни и странски, правни и физички лица, како и специфични финансиски институции, кои имаат цел да менаџираат со својата тековна или среднорочна ликвидност. Средствата на фондот ќе бидат инвестирани во хартии од вредност на издавачи чие седиште, односно претежна дејност се врши на територијата на Република Македонија, како и земјите членки на ЕУ, ОЕЦД и на ЦЕФТА. Со овие два нови фонда, во Република Македонија има вкупно тринаесет.