Нови инвестиции од пет милиони евра и 170 нови слободни работни места во Општина Илинден

25

Нови инвестиции на шест градежни парцели во локалните економски зони во општина Илинден, се реализираат со ноемврискиот циклус на електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште.

Шест нови инвестиции влегоа во Општина Илинден, од кои едната е странска директна инвестиција (СДИ). Станува збор за инвестиции чијашто вкупна вредност инвеститорите ја проценуваат на пет милиони евра, и отворање на нови 170 слободни работни места, на вкупна површина од 43.000 метри квадратни за градба на стопанските објекти.

Компанија Магрони ќе гради деловен центар и логистичко – дистрибутивен центар за пијалоци. Вкупната инвестиција изнесува 2.300.000 евра, со што ќе бидат отворени нови 50 слободни работни места.

Компанијата Палкомак купи две парцели на кои ќе гради магацинско дистрибутивен центар за суровини во областа на преханбената индустрија и деловен простор. Вкупната инвестиција е проценета на 1.200.000 евра, и ќе овозможи вработување на околу 50 лица.

Компанијата Агрома се стекна со сопственост на две градежни парцели на кои ќе гради погон за производство и дистрибуција на репроматријали за преханбена индустрија. Вкупната инвестиција се проценува на 1.000.000 евра, со што ќе се создадат услови за 50 нови вработувања.

Компанијата Конико ќе гради магацинско дистрибутивен центар за хардверска опрема и информатичко -комуникациска технологија. Вкупната вредност на инвестицијата е проценета на 500.000 евра, и ќе креира нови 20 работни места.

Ноемврискиот инвестициски циклус претставува производ и плод на спроведување и реализација на реален и ефективен концепт за овозможување поволни услови за влез на инвестиции во Општина Илинден, и значително ќе придонесе за локалниот економски одржлив развој и регионалниот развој.