Нови урбанистички планови во Општина Илинден

21

Општина Илинден во текот на овој месец работи на донесување на нови урбанистички планови за населените места Илинден, Марино и Кадино, со важност во наредните 10 години, со вкупна површина од 700 хектари.

Правилното урбанистичко планирање на просторот ќе придонесе граѓаните да можат да ги прибават потребните одобренија за градење за доградби, надградби, реконструкции на своите објекти, како и вклопување на веќе легализираните објекти. Урбанизацијата ќе овозможи и формирање на нови економски зони за привлекување на домашни и странски инвестиции, со што директно ќе се влијае во интензивирањето на локалниот економски развој и отворање на нови работни места.

Од вкупната површина на Општината од 106,7 километри квадратни, со урбанистички планови е опфатена површина од 16,5 милиони метри квадратни, од кои 10,5 милиони метри квадратни индустриски зони, со искористеност од 91% од површината.

Во моментот за урбанистичкиот план за Кадино со површина од 135,50 хектари се спроведува јавна анкета по која ќе се изврши усвојување и спроведување на планот. За населеното место Марино урбанистичкиот план со површина од 204 хектари е во фаза на негово утврдување и одобрување од страна на Советот на Општината, по што ќе се спроведе јавна анкета и презентација на планот пред граѓаните. Урбанистичкиот план за населба Илинден со површина од 360,50 хектари е поставен на јавен увид на граѓаните, со цел тие да го дадат своето мислење за истиот.

Општина Илинден ги повикува сите учесници во локалната заедница да дадат сопствени мислења и предлози со кои ќе дадат придонес во квалитетното просторно планирање и имплементирање на визијата за развојот на општината во наредните 50 години. Само со максимално учество на граѓаните во планирањето може да се изврши квалитетно организирање на просторот.