Обезбедени четири бесплатни проекти за куќа во населбата Јака

62

Општина Илинден обезбеди четири бесплатни проекти за изградба на куќа за сите оние што на јавните електронски наддавања успеаја да обезбедат градежни парцели за индивидуално домување во населбата Јака.
Заинтересираните инвеститори секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот во општината ќе можат да се запознаат со проектите што беа избрани на распишаниот конкурс и да го одберат оној што најмногу им одговара.
“Со бесплатните проекти, општината им заштедува на граѓаните дури и до 1.000 евра, колку што обично чини изработката на ваквите проекти. Истовремено, со моделите на семејни станбени куќи кои можат да се применат како типски објекти, населбата Јака ќе добие многу поубав лик. Со бесплатните проекти ќе се олесни работата на администрацијата, а ќе се забрза и постапката за издавање на градежни дозволи по електронски пат”, соопшти општина Илинден.
Досега се купени 261 градежна парцела, а според урбанистичкиот план за локалитетот Јака останати се уште 82 градежни парцели за изградба на семејни куќи.
Следните објави за отуѓување на градежните парцели по пат на електронско јавно наддавање ќе бидат објавени по завршувањето на изборите.