Од следниот месец регистар на цени на недвижности

25

Службите на Агенцијата за катастар на недвижности годинава примиле 1,2 милиони предмети и од нив решиле 99,85%. Наредната година се очекуваат над милион предмети и исто така да бидат решени  во законски утврдените рокови, информира денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, пишува Миа.

До крајот на следниот месец, Катастарот ќе го пушти во употреба регистарот на цени на недвижности. Во тек се финални тестирања на системот, а ќе се извршат и обуки на нотарите со цел правилно по електронски пат  да се доставуваат податоците до Катастарот.

Од април следната година, Катастарот планира да го стави во функција дистрибутивниот систем преку кој ќе се овозможи граѓаните и бизнис заедницата по електронски пат од дома да обезбедат имотен лист, копија од катастарски план, уверение за движење на имотот, како и други документи. Од мај догодина, пак, ќе се воспостави владиниот геопортал за националната инфраструктура на просторни податоци со кој ќе се поврзат 17 државни институции, а нивните геопросторни податоци ќе бидат достапни за граѓаните и за бизнис заедницата.

Агенцијата за катастар на недвижности годинава изготвила и над 1.200 бесплатни геодетски елаборати за социјалната категорија граѓани, а такви активности најавува и за следната година. Годинава цените на услугите на катастарот во просек се намалени за 16,1%, а на услугите кои ги даваат геодетските фирми за 10%.