ОН: Глобалното затоплување негативно ќе се одрази на снабдувањето со храна

64

Глобалното затоплување веројатно ќе има негативно влијание врз снабдувањето со храна во светот, предупреди претседателот на Конференцијата на ОН за опустинување, Ален-Ричард Донвеј и додаде дека недостатокот на вода стана закана за земјоделството побрзо од очекуваното.
Светот најверојатно ќе се соочи со големо нарушување во снабдувањето со храна долго пред температурите да се зголемат за проектираните 1,5 степени Целзиусови, предупреди Донвеј.

Тој посочи дека ефектите од климатската криза се комбинираат со недостиг на вода и лоши земјоделски практики, што го загрозува земјоделството на глобално ниво, пишува Гардијан.

Донвеј, поранешен министер за одбрана на Брегот на Слоновата Коска, кој претседаваше со минатогодишниот самит на ОН за опустинувањето Cop15, рече дека ефектите од сушата се развиваат побрзо од очекуваното.
„Климатските промени се пандемија со која треба брзо да се бориме. Погледнете колку брзо се одвива деградацијата на климата – мислам дека оди уште побрзо отколку што предвидовме“, рече тој.
Проблемите со порастот на температурите, топлотните бранови и поинтензивните суши и поплави ја загрозуваат безбедноста на храната во многу региони во светот, предупреди Донвеј.