Општина Прилеп електронски се поврза со Катастарот

26

Локалната самоуправа на Прилеп денеска во општинскиот центар за услуги отвори електронски шалтер преку кој граѓаните ќе добиваат информации за состојбите и промените на нивниот имот. Овие информации досега им беа достапни само преку Агенцијата за катастар на недвижности.
Според раководителот на Одделението за урбанизам општината Илија Карески, со ова значително се зголемува ефикасноста во работењето.
“Ова е прва фаза од поврзувањето со Катастарот. Во втората, системот ќе се надополни за електронско издавање на имотните листови”, рече градоначалникот Марјан Ристески.
Засега прилепчани добиваат имотни листови и преку еден од петте лиценцирани приватни катастари.
Почнавме да издаваме имотни листови пред еден месец. Во последните денови, за потребите на земјоделците и на граѓаните за нови лични карти, имаме издадено околу 300 имотни листови. Во иднина за краток период ќе ги издаваме и скиците кои досега ги добивале преку Агенцијата за катастар на недвижности, информира Бранка Џагадуроска, сопственик на Георепер.
Во врска со легализацијата, останува проблемот со одамна изготвените, но неискористени елаборати.
“Апелираме граѓаните одамна изготвените елаборати што побрзо да ги подигнат зашто може да имаат проблем и да бидат несоодветни со промените на законските прописи”, рече Џагадуроска.
Според локалните власти, со 6.000 решенија за легализација, Прилеп е меѓу водечките во државата.