Петнаесет години штедилница ФУЛМ: Времињата се менуваат, вредностите остануваат

43
eli naslovna
Елеонора Згоњанин Петровиќ, управител на штедилница ФУЛМ

Времињата се менуваат, а вредностите остануваат е мотото на штедилницата ФУЛМ, која оваа година одбележува 15 години постојана грижа за сите граѓани на кои им е неопходна финансиска поддршка, а немаат можност да дојдат до потребните финансиски средства. За почетоците, предизвиците, кредитите, штедните влогови, финансиските трендови и идните планови зборува Елеонора Згоњанин Петровиќ, управител на штедилницата.

БИ: Штедилницата ФУЛМ слави 15 години присутност на македонскиот финансиски пазар. Кои беа најголемите предизвици, промени и одлуки што ги направивте во овој период?

Штедилницата ФУЛМ е основана во 1999 година и нејзината основна цел е да обезбеди подобри финансиски услуги за луѓето во Македонија. Тоа и значи ФУЛМ – финансиски услуги за луѓето во Македонија. Почетоците се поврзани со Светскиот совет за кредитни унии, кој е проект на УСАИД во Македонија. Проектот започна во далечната 1995 година и резултираше со отворање на финансиска институција – штедилница ФУЛМ согласно Законот за банки и штедилници во тоа време. Меѓутоа, основната функција на оваа институција е кредитна унија. Кредитните унии се финансиски институции кои се управувани и поседувани од нивните членови. Сите оние кои на било каков начин ги користат услугите на таа финансиска институција индиректно се и сопственици на таа институција. Целта е оваа програма, особено по финансиската криза, да биде второто решение на граѓаните на која и да е земја. Второто бидејќи во поголемите финансиски системи постојат банките и нормално дека банките се тие кои што ќе го заземат најголемото место во финансиското учество на пазарот, меѓутоа сепак кредитните унии се тука да обезбедат подобри финансиски услуги за обичните луѓе. Во 90 земји во светот има повеќе од 50.000 кредитни унии, а околу 100 милиони луѓе се дел од овие кредитни унии. Моделот е многу развиен затоа што обезбедува услуги за луѓето кои во крајна линија бараат помали износи кои можеби не се интересни за банките.

Тешко беше да се почне, но сепак се соочивме со тој предизвик и сакавме да ја исполниме нашата основна цел, а тоа е да ги убедиме македонските граѓани да штедат во домашна валута. Со различните модели на штедење што ги воведовме, со довербата што ја градевме година по година, навистина сме горди да кажеме дека имаме повеќе од 8.000 штедачи во нашата институција. Тие се од најмалите, значи имаме детски клуб за штедење, кој се однесува само на дечиња, потоа имаме младински клуб, студентски клуб кој има крајна цел да ги поттикне да ги штедат парите бидејќи студирањето чини многу и тука се најразличните видови на депозити кои се поврзани со рочност од шест месеци, па натаму. Вториот предизвик што во тоа време го имавме беше да се обезбедат подобри финансиски услуги на граѓаните кои немаат можност да земат кредит. На пример, тука се земјоделците. Ние го одобривме првиот земјоделски кредит во нашата филијала во село Муртино. Подоцна воведовме и студентски кредити, благодарение на УСАИД и сега повеќе од 5.000 кредитни партии во земјата се дел од студентската програма.

БИ: Дали населението во Македонија има навика за штедење, на какво ниво е финансиската писменост?

15-godiniВо Македонија има навистина голема свест за штедење. Сите овие години наш предизвик беше како да ги убедиме да штедат во финансиска институција, независно дали е банка или штедилница. Ние формиравме специфичен продукт – доброволен депозит, секој може месечно да штеди најмалку што може и кога сака по определен временски период да ги подигне парите. Целта ни беше тие малку пари што ги повлекуваат во секојдневното живеење да ги стават во регуларни финансиски институции, како што е и нашата. Со тоа е поврзано и нивото на финансиска писменост. Парите во секоја штедилница и банка се осигурани во Фондот за осигурување на депозити, а тоа придонесе за многу поголема сигурност кај штедачите и што и да се случи со било која институција, тие ќе бидат обесштетени. Во однос на кредитите што ги даваме, специфични се кредитите за оние кои сакаат да започнат сопствен мал бизнис. Овие кредити се најмногу до 3.000 евра. Ваквите кредити се од особена важност за земјоделците, тие знаат колку ќе се продаде производот и колку ќе го набават, но тоа што им недостасува е информациите да ги склопат во една форма која ќе се нарече бизнис план. На многу од нив во текот на овие години им помогнавме. Креирањето на финансиска писменост е една и од основните наши цели и многу пати на нашите клиенти и членови им укажуваме дека не е битно дали ќе земат кредит во ФУЛМ, битно е да знаат како се пресметува каматата и колку навистина ќе треба да се плати за кредитот што се зема.

БИ: Дали глобалната финансиска криза имаше влијание врз нивото на депозити и нефункционални кредити кај вас?

Влијанието на финансиската криза го направи своето. Колку и да сакаме да имаме добра финансиска писменост, дел од увезената глобална финансиска криза допринесе на еден начин сите да се исплашат. Нормално дека автоматски почнаа да внимаваат на штедните влогови. Ние сме дел од Светскиот совет на кредитни унии и навремено преземавме низа мерки  доколку штедачите сакаат да ги повлечат депозитите, но тоа најлошо сценарио не се случи. Многу сме радосни и поради фактот што сите наши штедачи што сме ги имале за овие 15 години, ги чуваат своите средства во нашата институција.

БИ: На кој начин ја обезбедувате наплатата и сервисирањето на долговите на вашите клиенти?

Нивото на нефункционални кредити е едно најниските во Македонија, околу 6%, во зависност од месецот. Причината за тоа е моделот по којшто работиме. Ние работиме по методологијата на Светскиот совет која вели дека ако најдете двајца луѓе да ви веруваат, тогаш најверојатно имате кредибилитет за да може да земете кредит. Сите наши кредити се обезбедени со жиранти и целта ни е ако некој навистина не може да дојде да плати, да дојде да ни каже. Штом дојде да ни каже, ние автоматски сме подготвени да најдеме некоја комбинација да му се помогне. Нашата основна цел сите овие години е да не ги презадолжуваме луѓето. Нашите кредити се обезбедени исклучиво со жиранти, даваме многу мали кредити и навистина е економски неисплатливо да бараме хипотеки и залози, бидејќи максималниот износ на кредит е 5.000 евра и за тој износ е премногу да го изложуваме нашиот клиент.

DSC_4479

БИ: Кои се вашите најбарани финансиски производи за кои има најголем интерес од вашите клиенти?

Во сите овие години утврдивме дека интересот на клиентите се поведува од моменталната состојба и што во моментот им треба. Нашата цел е да им обезбедиме кредити на студентите, на пензионери, лица на кои им се потребни потрошувачки кредити, на невработени лица кои сакаат да почнат сопствен бизнис, кои се околу 30% од нашето портфолио.

БИ: По повод Вашиот јубилеј ја спроведувате кампањата – Времињата се менуваат – вредностите остануваат. Што опфаќа истата?

Сметам дека основата за нашиот развој е во тоа дека времето се менува. Кога почнавме немавме ниту еден компјутер, а денес имаме еден од подобрите информативни системи. Едноставно, времињата се менуваат, но вредностите остануваат. Од првиот ден кога имавме само пет членови и до сега, кога имаме 8.000, на ист начин ќе внимаваме на нашите членови. Исто така, сакам да потенцирам дека кога станува збор за вработените, од почетокот кога имавме само двајца вработени до сега, кога имаме 25, сите тие останаа со нас со години. Знаете, најголемиот дел од животот го поминуваме на работа, затоа кога ќе носиме одлука за тоа кај ќе работиме, треба да тргнеме со мислата да ни е убаво, а после со тоа колку ќе заработиме. Може да ја имате најдобрата технологија, но ако немате вработени кои се лојални, се пропаѓа.

БИ: Во која насока ќе се движи ФУЛМ во следниот период? Кои се Вашите идни планови и активности?

Иднината е пред нас, ние сме свесни дека е неопходно во периодот што следи да ги следиме сите текови кои ги носи модерното време. Многу од нас се свесни дека мобилното банкарство и информативните технологии се иднината и сите ние треба да се вклучиме во таа приказна. Фулм ќе работи на развојот и доближување на таквите услуги на нашите членови и нормално дека управувањето со социјалните медиуми, односно поголемата застапеност на социјалните медиуми ќе биде еден од приоритетите, бидејќи очекуваме времето да си го направи своето.