Планински велосипедски рај на Осоговските планини

76

Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска, претставникот на ЕУ Никола Бертолини и Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, вчера доцна попладнето имаа работен состанок и направија увид во градежните работи на проектот Планински велосипедски рај на Осоговските планини којшто се реализира со средства од проектот за Локална и регионална конкурентност, финансиран од грант од Европската Унија.

За проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам на Осоговските планини со овој проект се предвидени вкупно 30.674.272 денари, од кои 10% се учество на Општина Кочани.

Целта на проектот Планински велосипедски рај е да развие уникатно планинско авантуристичко искуство. Тоа ќе се овозможи со изградба и обновување на велосипедски планински патеки, обновување на планинарскиот дом и развој на други услуги за поддршка на овој вид туризам.

На состанокот се разговараше и за развој на други инфраструктури проекти во Општина Кочани коишто се значајни за подобрување на туризмот и условите во општината.

Преку проектот за Локална и регионална конкурентност досега се потпишани 61 договор за реализација на проекти со кои се инвестира во секторот туризам низ целата држава. Од нив 25 се целосно завршени, а во тек е реализацијата на уште 36.