Почна Самит100: Бизнис елитата од југоисточна Европа се собра во Сараево

50

c6e027ec-1cf7-4005-844c-cb1bcd114db5

Самит100, водечка бизнис иницијатива во регионот, која на едно место ги собира бизнис и политичките лидери од југоисточна Европа, под мотото Договор за новото доба, започна вчера во Сараево. Пред преку 150 присутни учесници и специјални гости, како и пред бројни претставници на медиумите од регионот, во воведниот дел се обратија ко-претседателот на овогодишниот Самит100, Елдин Хаџиселимовиќ, директор на АСА Холдинг и Амер Буквиќ, директор на ББИ Банка.

“Исклучително сме горди што ваков значаен настан, кој ја собира бизнис елитата од регионот, се одржува овде во Сараево. На петтата заедничка средба на најистакнати бизнис и политички лидери, повторно ќе ја отвориме перспективата на јакнење на конкурентноста на националните економии на земјите, но и конкурентниот потенцијал на цела југоисточна Европа”, изјави директорот на АСА Холдинг, Елдин Хаџиселимовиќ.

Темите на овогодишниот собир се подобрување на економските прилики и регионална соработка преку препознавање на потенцијалот на полињата иновации и енергетска ефикасност, транспорт и логистика, циркуларна економија, храна и туризам, образование, како и регионални кластери со фокус на автомобилската индустрија.

„Се надевам дека Сараево, како град во кој со векови живеат различни култури, дополнително ќе креира позитивно влијание да се реализираат целите на овогодишниот собир. Самит100 треба да послужи како место на економско вмрежување и дијалог, каде деловните субјекти на претставниците од политичките кругови ќе им понудат конкретни предлози за унапредување на стандардите во регионот. Како нашиот регион може да профитира од циркуларната економија и нордискиот модел на соработка, се само некои од предвидените теми за разговор во следните два дена“, истакна директорот на ББИ Банка, Амер Буквиќ, стои во соопштението.

Специјални гости на Самитот се амбасадорот Кари Кахилуото, претседател на Нордискиот совет на министри, како и најбогатите Словенци, брачниот пар Иза и Само Логин, основачите на стартапот Outfit7 и апликацијата Talking Tom.

Босна и Херцеговина за прв пат е домаќин на петтиот по ред Самит100. Организатори на Самит100 2016 се ББИ Банка и АСА Превент групација од БиХ, со поддршка на Здружението Менаџер од Словенија, Српската асоцијација на менаџери, Хрватското здружение на работодавачи, Атлас група од Црна Гора и Алкалоид од Македонија.