Почна скијачката сезона на патеките кај битолското село Нижо Поле

19

ЈП Стрежево – Битола кое стопанисува со скијачките патеки над селото Нижо Поле подготвено ја почна скијачката сезона, јавува МИА.

Годинава, според директор на јавното претпријатие, Марјан Героски, има и нова програмска понуда, привлечна за скијачите и рекреативците, кои ќе престојуваат на ски-терените лоцирани на надморска височина од 1.100 метри.

“Оваа година имаме уште еден мини ски-лифт, кој ќе биде наменет за децата и за почетниците во скијањето. Покрај тоа, набавивме уште еден ратрак, со што создадовме услови за подготвување и подобар квалитет на ски-патеките. Во горниот дел на нашиот комплекс, извршивме проширување на ски-патеките, а со тоа се овозможи зголемување на капацитетот”, истакна Героски.

Тој најави проширување на овој зимско-туристички комплекс, со изградба на нови терени во пределот под Скрков“ и Муза, до месноста Орлови бари за што ќе биде изработена физибилити студија.

ЈП Стрежево – Битола за љубителите на скијањето овозможи и стручна помош и поддршка од ски-сноуборд клубот Ноу Лимит и Еволушн со кои пред почетокот на скијачката сезона потпиша меморандум за соработка.