Поплави во југоисточна Македонија

23

Поради силниот пороен дожд и надојдените води од Радовишка река, урнати се два моста кај селата Покрајчево и Злеово, а мостот кон селото Јаргулица што ги поврзува со магистралниот пат Струмица – Штип е во критична состојба. Околу 1.500 жители од селото Злеово целосно се отсечени, а урнатиот мост им е единствена комуникација кон Радовиш и Струмица.

Градоначалникот на општина Радовиш Роберт Велков вели дека направените штети се големи во четири села во Радовишкиот регион. Поплавено е Радовишко поле, со големи штети на земјоделските култури, кои се сите под вода. Велков најави дека ќе го извести Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Во село Ораовица поројниот дожд има однесено и еден автомобил, а се направени и големи штети на земјоделските посеви.

Обилните врнежи од дожд кои го зафатија валандовскиот регион вчера во вечерните часови поплавија неколку села во валандовско. Поради напукнат доводен канал за наводнување кој е запушен од нанос на песок и гранки, водата од пороите истекува преку с. Јосифово, каде поплавени се повеќе куќи (подруми), како и земјоделско земјиште. Мостот кај Горна мала е скинат и учениците и работниците не одат на училиште и на работа. Аразлиска река е надојдена при што е скинат цевководот за вода за пиење за с. Јосифово и с. Удово кои во моментот се без вода за пиење. Во с.Пирава од поројниот дож има големи наноси од песок во центарот на селото, а улицата Гоце Делчев е раскопана и истата не е проодна. Бојмијата-мичкова река е запушена кај испустите од цевки и водата се излива во полето каде е поплавено и земјоделско земјиште.

Поради обилните врнежи од дожд, во струмичко е оштетен мостот на Маркова река кај с. Раборци при што е во прекин патниот правец Раборци – Попчево. Поплавени се северниот дел од градот Струмица реон Ракиџиски мост, Бензиска пумпа Макпетрол, пазар Чешел. Поплавени се и населените места и земјоделските површини на с. Просениково, Добрејци и дел од с. Дабиле. Поради обилните врнежи од дожд во с. Сушево оштетено е речното корито на Сушевска река, а во прекин е и водоснабдувањето и електроснабдувањето. Поплавени се земјоделските површини и дел на населените места: Ангелци, Градашорци, Владевци и Василево. На река Струмица е прекинат дел од речниот насип од левата страна во правец од с. Босилово према с.Турново во близина на магистралниот пат М-6 и има опасност од однесување на дел од десниот насип на реката во близина на с. Еднокуќево. Исто така, како критично место е посочен и одводниот канал Азмак кој во моментот не може да ги прими водите од населеното место Чанаклија.