Повеќе од 35.000 граѓани го посетија првиот Саем за вработување

11

Помина првиот Саем за вработување, што во организација на Агенцијата за вработување на Македонија (АВРМ), беше организиран во Спортскиот центар Борис Трајковски. Повеќе од 35.000 граѓани го посетија саемот, на кој се претставија голем број компании од земјата.

Невработени, вработени граѓани, но со желба за промена на работно место, како и голем број млади луѓе кои на овој начин се информираа за понудата на пазарот на труд, беше дел од сликата за посетителите на саемот.

“Целта на првиот Саем за вработување беше доближување на понудата на работа и понудата на работна сила. Како организатор на настанот, Агенцијата за вработување е задоволна од одзивот на граѓаните, и одзивот на компаниите, за кои беше овозможена регрутација на кадар преку директен контакт со потенцијалните вработени лица. Резултатите од овој Саем, ќе може да ги очекуваме за еден месец, кога ќе може да се направи пресек на тоа, колку лица, преку првиот Саем за вработување, успеале да пронајдат работно место”, изјави Влатко Поповски, директор на АВРМ.

Од АВРМ најавуваат одржување на Саеми за вработување и низ други градови во Република Македонија, на кој граѓаните, повторно, ќе имаат можност директно да поразговараат со претставници на најголемите компании во државата.