Празни ресторани, без гости и келнери – каков е тој тренд?

146

Технолошките компании создаваат нови можности за заработка. Тие на рестораните им ставаат на располагање апликации за порачување на храна, но и кујни. На овој начин, како што пишува Deutsche Welle, настануваат таканаречените виртуелни ресторани и “кујни на духови“.

Со само неколку кликови, корисникот може да си ја порача омилената вечера. Во САД тоа функционира преку платформите Doordash или Uber Eats, во Велика Британија преку Deliveroo, а во Германија Lieferheld. Нивната популарност во последните години забележува голем подем.

Само во текот на 2018-та година, купувачите низ целиот свет за овој вид на услуги потрошиле 10,2 милијарди долари, што е за 42% повеќе во однос на 2017 година.

Рестораните и синџирите за брза храна обично своите капацитети ги прилагодуваат на гостите, а не на огромниот број на порачки преку интернет.

Така настана концептот “кујна на духови“. Тоа се кујни што не им припаѓаат на рестораните, немаат гости, ниту келнери. Во сабота навечер, на пример, кај овој вид на кујни метежот не го прават гости, туку возачи од Uber коишто сакаат да ги подигнат готовите јадења и да ги испорачаат. Во кујната се готви како на бесконечна стаза. Јадењето се пакува, изгледа и има вкус како и некој ресторан за брза храна, а кафето како она од Starbucks.

Овие кујни не ги држи угостителски фирми, туку ИТ компании. Тие го преземаат нивното мени и го ставаат во својата апликација, па го преземаат објавувањето на порачките и испораката.

Инвеститорите се воодушевени од големиот потенцијал на овој бизнис. Во студијата на швајцарската банка UBS се проценува дека вкупниот пазар за испорака на готови јадења до 2030-та година ќе се зголеми за 10 пати и ќе достигне вредност од 365 милијарди долари.

Фото: Pexels