Приватизација на градежно државно земјиште – индивидуалното домување останува 61 денар, комерцијалните градби 13.140 денари

60

Владата го усвои предлогот на Министерството за финансии за измена на Уредбата за приватизација на градежно државно земјиште, со што се менува висината на надоместот за приватизација на градежното земјште во државна сопственост. Со измените, за 30 пати се  зголемува цената на неизграденото земјиште наменето за колективно домување и комерцијален  деловен објект, за стопански производни објекти таа се зголемува за 20 пати. Надоместот за приватизација на државното градежно земјиште, кое е за индивидуално домување или колективно домување кое е изградено, останува непроменет од 61 денар за метар квадратен.

Уредбата се однесува на надоместокот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост што се спроведува од страна на Управата за имотно-правни работи. Станува збор за приватизација на државно земјиште само во услови каде што е стекнато корисничко право.

Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, а пред се да им се оневозможи на правни и физички лица кои по основ на приватизација по досегашниот надомест за приватизација ги реализираа градбите за намени предвидени со актите за планирање на просторот (колективно домување, комерцијални, деловни, стопански, производни објекти и објекти наменети за спорт и рекреација) и на овој начин стекнуваа имотна корист.

Висината на надоместот ќе зависи од тоа во кој од петте региони се наоѓа земјиштето и дали е во централно и вон централно подрачје.

Така што во скопските општини за неизградено земјиште за колективно домување и комерцијален деловен објект висината на надоместот ќе изнесува 13.140 денари за метар квадратен, за стопански производни објекти 8.760 денари и  објекти за спорт и рекреација 4.380 денари.