Прв регионален форум на ЕЦА за финансиска вклученост

15

Народната банка на Република Македонија, заедно со Алијансата за финансиска вклученост (АФИ) и со поддршка на Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија (БМЗ) и Секретаријатот за економски прашања на Швајцарија (СЕКО), ќе го организира Првиот регионален форум на Источна Европа и Централна Азија (ЕЦА) за финансиска вклученост, што ќе се одржи во хотелот Александар Палас во Скопје од 26-ти до 28-ми октомври 2015 година.

Програмата е замислена како тридневен настан фокусиран на темата финансиска вклученост. На настанот ќе присуствуваат високи претставници од централните банки од регионот на ЕЦА со цел постигнување договор за исполнување на целите на регионалната платформа и создавање оперативна рамка која ќе ја зацврсти идната соработка на овие земји на полето на финансиската вклученост.

Форумот ќе се фокусира на унапредување на политиките за заштита на потрошувачите на финансиски услуги, како и за финансирање на малите и средните претпријатија. Исто така, ќе се одржат и сесии за прашања од областа на дигиталните финансиски услуги и создавање бази на податоци и показатели за мерење на нивото на финансиска вклученост.

Народната банка на Република Македонија, којашто е членка на АФИ, покажа силно лидерство во промовирањето на финансиската писменост на национално ниво и има исклучителен интерес да помогне во напорите за регионалната размена на знаења заедно со другите земји членки на АФИ.

Програмата за Форумот можете да ја најдете на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија.