Работа од дома на Малдиви по “скромна“ цена

649

Работно биро покрај тиркизен океан, палми и ветре, личен асистент, освежителни пијалаци достапни цело време.

Ова на прв поглед може да изгледа како премногу имагинативна листа на желби за фрустриран вработен кој работи од дома, но луксузно одморалиште на Малдивите неодамна понуди токму таков “работен пакет“, со сите горенаведени и бројни други предности, пишува CNN.

Туристичкото одморалиште Nautilus Maldives е отворено на први септември и им нуди можност на заинтересираните туристи и гости да ја преместат својата “домашна канцеларија“ од нивниот дом во луксузна канцеларија на атолот Баа, којшто е на списокот на УНЕСКО. Но, понудениот пакет поради цената не е за секого.

Седумдневен престој којшто вклучува седум ноќевања за двајца во една од 26-те луксузни куќи на самата плажа, изнесува 23.250 долари, а за двонеделен или тринеделен престој тука треба да се издвојат 37.850 или 52.000 долари, пренесува Sееbiz.

На сите кои сакаат да работат на овој начин, одморалиштето нуди совршена приватност и изолација во одморалиште кое се наоѓа на приватен остров, со дневна јога, фитнес или медитација, како и можност за приватно изнајмување луксузна јахта од која, после напорниот работен ден, на зајдисонце, може да се следи пливање на делфини.

Малдивите во моментов се отворени за сите туристи кои имаат докази за негативен PCR тест на Ковид-19, кој не смее да биде постар од 72 часа, сметајќи го времето од поаѓање од дестинацијата.

Другите атрактивни одморалишта нудат слични пакети за секој што работи од дома за време на пандемија.

На пример, дестинациите како што се Барбадос или Бермуди им нудат на туристите работни визи до една година, а многу американски хотели рекламираат слични нови услуги.

Фото: Pixabay