Работници како ко-сопственици: Награда и мотив за работа

169

Србија преку законски измени ќе им овозможува на друштвата со ограничена одговорност да им дадат прилика на своите вработени да стекнат удел во компанијата во којашто работат.

Според српските медиуми, сите се согласни дека можноста да се стекне удел во сопственоста дополнително ќе ги стимулира вработените уште подобро да работат и да се поврзат со фирмата. Се очекува ваквата мерка да биде поттик и за консултанти и за инвеститори, на коишто оваа законска измена, исто така, се однесува.

“Вие како вработен мора да ја добивате својата плата, а вашиот посебен придонес, односно сите вработени кои овозможуваат некој вонреден приход, а особено профит, може да се наградат така што ќе добијат удел во фирмата. Но, не сум сигурен дека ние сме на тоа ниво на општествена развиеност на системот којшто тоа би можел да го поддржи. Се плашам тоа да се сведе на пребивање на долгови“, за РТС, вели консултантот Махмуд Бушатлија.

Во законот е јасно прецизирано дека согласност мора да постигнат сите членови на друштвото. Од нивните делови се формира таканаречен резервиран сопствен удел којшто не може да биде поголем од 40% од вкупниот капитал на компанијата и од кој на точно утврден датум, по повластена цена, може да се купи удел во компанијата.

Фото: Pexels