Раст кај потрошувачките и станбените кредити на годишно и месечно ниво

58

Паричната маса во јули бележи нагорна месечна промена од 1,1%, главно под влијание на движењата кај готовите пари во оптек, краткорочните депозити и депозитните пари. На годишна основа продолжи растот, кој во јули изнесува 8,8%. Годишен раст забележаа сите компоненти на паричната маса, а најголем придонес во нејзиното зголемување имаат депозитните пари (учество од 64,7%), по што следуваат придонесот на краткорочните депозити, готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години, се вели во соопштението на НБРМ.

Во текот на јули, вкупните депозити остварија месечен и годишен раст од 0,8% и 10,0%, соодветно. Овие промени се резултат на растот на депозитите кај двата
сектора, но со малку поизразен придонес на секторот “домаќинства“.По месечниот раст во јуни, вкупните кредити во јули се намалија за 0,8%.

Месечното намалување е одраз на поголемиот износ на извршени задолжителни
отписи на сомнителните и на спорните побарувања во овој месец, под влијание на
регулаторни промени. Од аспект на одделните сектори, месечниот пад се должи
на намалените кредити на корпоративниот сектор, при благ раст на кредитирањето
на секторот “домаќинства“. Доколку се направи корекција за извршениот отпис,
вкупното кредитирање на месечна основа бележи раст од 0,3%.

На годишна основа, растот на вкупните кредити изнесува 6,8%, како резултат на годишниот раст на кредитирањето кај двата сектора. Ова претставува забавување на
годишната динамика, како одраз на регулаторните промени, без чиј ефект
вкупниот годишен кредитен раст изнесува 8,2%.

Во јули 2019 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор пораснаа за 1,3% на месечна основа, главно под влијание на растот кај депозитните пари и краткорочните депозити во денари и во странска валута, а во услови на минимален раст кај долгорочните депозити во денари и пад на долгорочните депозити во странска валута.

Стапката на годишен раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 9,1% и во најголем дел се објаснува со зголемувањето на депозитните пари.

По благиот раст кај кредитите на корпоративниот сектор во јуни, овој месец е евидентиран позначителен пад од 2,3%, кој се должи на падот во кредитирањето
на корпоративниот сектор во денари и во странска валута. На годишно ниво,
кредитирањето на корпоративниот сектор бележи пораст за 4,3%. Доколку се
исклучи ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од
билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка,
кредитите на корпоративниот сектор во јуни бележат годишен раст од 6,6%.

Вложувањата на домаќинствата во депозити во банките и штедилниците, овој
месец се зголемени за 0,6%, што се должи на растот кај сите компоненти на
депозитите, а во најголем дел на краткорочните депозити во странска валута, на
кој отпаѓа речиси половина од растот. Споредено на годишна основа, стапката на
раст изнесува 9,1% и е резултат на денарската и на девизната компонента, со
поголемо учество во растот на денарските депозити.

Вкупните кредити на домаќинствата остварија месечно и годишно зголемување
од 0,7% и 9,4%, соодветно. Гледано по валутната структура, најголемо учество во
месечниот раст имаат кредитите одобрени во странска валута, додека годишниот
раст во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари. Со исклучување
на ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од билансна
во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот
кредитен раст кај домаќинствата во јуни би изнесувал 10,1%.

Во јули, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица,
потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа месечен раст од 1,4% и 1,5%, соодветно, додека годишниот раст изнесува 12,1% и 13,0%, соодветно.

Кај автомобилските кредити, овој месец е евидентиран месечен и годишен раст од 1,4% и 6,0%, соодветно. Кредитите одобрени врз основа на кредитни картички бележат минимален месечен раст од 0,1%, додека на годишно ниво е евидентиран еднаков пад како и од претходниот месец од 1,5%. Негативните салда на тековните сметки бележат надолна месечна промена од 0,5%, додека на годишно ниво бележат раст од 1,7%. Кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 1,0% и 8,9%, соодветно.

Фото: Pixabay