Раст на азиските берзи, доларот ослабе, нафтата поевтини

15

Цените на акциите благо пораснаа на азиските берзи во вторникот наутро, благодарение на најавите за нови стимулативни мерки за кинеската економија, но тргувањето е претпазливо бидејќи се очекува австралиската централна банка да ги зголеми каматните стапки.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, порасна за 0,4 отсто околу 6:30 часот.

Истовремено, на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг се лизнаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Австралија и Шангај, пак, тие се зголемија меѓу 0,1 и 1 процент.

Пазарите беа поддржани од сигналите на кинеските власти дека на економијата и е потребна итна помош бидејќи низа податоци покажуваат дека таа го губи замавот.

Кинеската централна банка утринава ја намали стапката на обврска за издвојување резерви во странска валута со цел поддршка на домашната валута.

И додека Кина најавува нови стимулативни мерки, австралиската централна банка со месеци ја заострува монетарната политика за да ја спречи инфлацијата.

Доларот ослабе, цената на нафтата падна

И на девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути се лизна од највисокото ниво во последните 20 години.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 109,46 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 110,08 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 140,20 на 140,30 јени, што е негово највисоко ниво во последните 24 години.

Но, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 0,9963 долари, откако вчера за прв пат по 20 години се лизна под нивото од 0,99 долари.

Еврото е под притисок бидејќи рускиот енергетски гигант Газпром нема да продолжи да испорачува природен гас за Германија преку Северен тек 1 поради истекување, за кое Русите тврдат дека треба да го поправи германската компанија Сименс.

Токму затоа цените на бензинот во Европа вчера нагло пораснаа, што може да ја продлабочи енергетската криза во еврозоната и да ја турне економијата во рецесија.

Од друга страна, рекордно високата инфлација во тој блок ја притиска Европската централна банка за агресивно заострување на монетарната политика на претстојниот состанок во четврток.

Цените на нафтата, пак, утринава паднаа на лондонскиот пазар, откако вчера пораснаа за околу 3 отсто, бидејќи ОПЕК на седницата одлучи да го намали производството во октомври за 100.000 барели за да ги поддржи цените.

Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,47 отсто, на 95,30 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,4 отсто, на 88,95 долари.