Robinhood ќе отпушти 9% од своите вработени, акциите во слободен пад

45

Robinhood Markets Inc. ќе отпушти 9% од своите вработени, најави извршниот директор на платформата за онлајн тргување на финансиските пазари, откако акциите на компанијата паднаа на ново ниско ниво.

Во блог пост, извршниот директор Влад Тенев напиша дека Robinhood го зголеми својот персонал од околу 700 на скоро 3.800 од почетокот на 2020 година, откако порасна популарноста на нејзината онлајн апликација.

„Ова брзо зголемување на бројот на вработени доведе до дуплирање на позициите и работните функции и повеќе слоеви и сложеност во работниот процес отколку што е оптимално“, напиша тој.

„По внимателно разгледување на сите овие фактори, утврдивме дека намалувањето на бројот на вработени во Robinhood е вистинското решение за подобрување на ефикасноста, зголемување на брзината и гаранција дека ќе одговориме на променливите потреби на нашите клиенти“.

Акциите на Robinhood вчера се затворија на 10 долари, нивно најниско затворање откако компанијата дебитираше со 38 долари по акција минатиот јули.

Акциите се зголемија на 85 долари по првичната јавна понуда, но беа во слободен пад од почетокот на годината, паѓајќи за 43,6% во 2022 година. Во истиот период, S&P 500 падна за 9,9%.

Акциите на Robinhood паднаа за уште 2,6% во тргувањето после работното време по објавувањето на технолошки вишок во компанијата. Во својот блог пост, Тенев не даде никакви информации за финансиските перформанси на компанијата, само објави дека има над 6 милијарди долари во готовина.

Robinhood имал повеќе од 8 милијарди долари во готовина и еквивалентни инструменти на крајот на 2021 година, според FactSet. Се очекува компанијата да ги објави своите финансиски резултати за првиот квартал во четврток, пишува MarketWatch.