Royal Burger – квалитетна брза храна за модерни фамилии

802
spasko
Спаско Јовановски, сопственик на Royal Burger

Американски тренд со македонска фантазија. Такви се бургерите на Royal Burger, кои веќе година и половина се дел од гастрономската понуда на Скопје. Според сопственикот Спаско Јовановски, простор на пазарот има за сите. Кој ќе понуди квалитет, со напорна работа и добра идеја ќе постигне успех.

БИ: Колку време постои бизнисот, од каде ви се роди идејата?

На пазарот сме присутни од март 2013 година, кога една идеја полна со ентузијазам прерасна во исполнување на сонот. Идејата се роди сосема спонтано – угостителството е нешто што ме исполнува и сакам да експериментирам. Понудата на брза храна во Скопје горе – долу беше еднолична, па токму затоа одлучив дека во концептот на брза храна има простор за нова идеја која може да успее. Од таму дојде идејата, на која и претходеше една година изучување – што мене би ме одвоило од конкуренцијата. Цело време брзаме и сме во гужва, се подоцна се почнува со работа, веќе не е како порано. Сега се почнува од 9 и се работи до 17, 18 часот, па се помалку време има за готвење дома и има помодерни мајки и домаќинки J. Затоа го развивме концептот од брза храна до достава, тоа што ќе го произведеме и ќе го направиме да им биде полесно доставено до дома.

БИ: По што се разликува Royal Burger од другите сендвичари во Скопје?

Royal Burger се разликува по концептот. Идејата е да продаваме таканаречени американски бургери како на големите корпорации. Целото мени е искомбинирано и така е направено – најпродаваните сендвичи во светски рамки зачинети со македонска идеја. Првата работа по која се разликуваме од останатите е препознатливиот вкус на сосовите и квалитетот. Нашиот успех се базира на квалитетот на тоа што го понудивме по достапна цена. Кај нас за прикладна цена потрошувачот може да добие најквалитетен производ.

1

БИ: Дали сметате дека е презаситен пазарот за брза храна во Македонија, колку простор има за работа?

Како што кажав претходно, по долго размислување во кој дел од угостителството да се насочам и по истражувањето што го спроведов, сфатив дека во fast food концептот има најмногу простор. Квалитетната конкуренција беше многу мала, да не кажам дека се еден или двајца и затоа почнав да работам во тој дел. Денес сликата не е таква. Особено ме радува што бројот на угостителски објекти кои работат на овој принцип е зголемен. Тоа значи дека сме го размрдале скопскиот fast food концепт. Но, простор има за сите. Кој ќе понуди квалитет, со напорна работа и добра идеја ќе постигне успех. Овде би сакал да им се обратам на младите претприемачи кои ја следат оваа идеја, да стават свој печат на она што го нудат, да бидат иновативни и единствени.

БИ: Дали доставувате во цело Скопје и има ли побарувачка?

Со достава работиме од самиот почеток и тоа ми беше идејата. Првично достава имавме на реонот на општина Аеродром – од Железничка станица до населба Лисиче. По барање на нашите потрошувачи го вклучивме и Центар, меѓутоа со ограничување на сумата – нарачката требаше да изнесува минимум 500 денари за да се однесе до Центар. Откако го отворивме вториот локал во Дебар Маало, вршиме достава од населба Лисиче до Капош 4 и целиот реон ни е покриен со бесплатна достава за нарачка од минимум 100 денари.

2

БИ: Колку објекти имате, вработени и мотори за достава?

Моментално имаме два Royal Burger објекта. Работата ја започнавме со тој во Ново Лисиче, но нашите потрошувачи почнаа да бараат уште една локација, па на нивно барање, отворивме уште еден Royal Burger во централното подрачје на Скопје. Во април 2014 година го отворив и вториот објект во Дебар Маало. Моментално имам околу 20 вработени и 11 мотори за достава што возат низ Скопје.

БИ: Кои се вашите планови за во иднина? Дали планирате да се проширите во други градови во Македонија?

Конкретно за Скопје мислам дека е доволно и тука ќе застанеме, барем сега за сега. Доколку го прошируваме бизнисот, тоа ќе биде во поголемите македонски градови – Битола, Куманово или Тетово. Планот ми е во еден од тие три града да го отворам следниот Royal Burger, а за Скопје можеби би отворил во северниот дел од градот, во Чаир.