Се трудиме да бидеме различни и препознатливи по квалитетот и сигурноста што ги нуди нашиот бренд

98
g1
Ѓорѓи В’чков, претседател на Управен одбор на Македонија сообраќај

Македонија сообраќај како претпријатие постои од 1974 година. Покрај основната дејност меѓународен превоз на патници, во рамките на друштвото работат Туристичка агенција, Центар за професионална обука во патниот превоз, Авто школа, а дополнителна услуга што ја нуди е и поврат на ДДВ од странство. За активностите, аранжманите, категоризацијата на автобусите, идните планови, разговаравме со Ѓорѓи В’чков, претседател на Управниот одбор.

БИ: Македонија сообраќај како претпријатие постои од 1974 година, а од 1995 е акционерско друштво. Што сè има во вашето портфолио на услуги?

Основната дејност на друштвото е меѓународен превоз на патници. Одржуваме редовни линиски превози до повеќе градови во Германија (трипати неделно), до Белград (еднаш дневно), до Солун (двапати дневно) и до Софија (трипати дневно). Поради високиот квалитет на автобусите со кои располагаме, ги изнајмуваме возилата за превози на ВИП групи. Последниве години, заедно со нашата туристичка агенција нудиме и комбинирани аранжмани за групи со наш превоз, како и прилагодени аранжмани за однапред дефинирани групи со кои ги договараме сите детали на патувањето. Со пробивот на евтините авиолетови кои поаѓаат од Скопје, почувствувавме намалување на бројот на патници на линијата кон Германија, па понудата на туристичката агенција ја проширивме и со продажба на авиобилети за сите светски дестинации. Во рамките на друштвото последните четири години работи и Центарот за професионална обука во патниот превоз, во кој организираме обуки за добивање на сертификати за професионална компетентност на возачите во меѓународниот превоз и управителите на транспортните фирми, како и сертификати за авто такси возачи. Дејноста на центарот за обука ја проширивме и со отворање на авто школа за „Б“ и „Д“ категории. Дополнителна услуга што ја нудиме за компаниите кои имаат бизниси на пазарите во ЕУ е и целокупната организација на враќањето на ДДВ од европските земји.

g4

БИ: Од оваа година ја воведувате и Португалија како дестинација. Кои аранжмани што ги нуди вашата туристичка агенција се најатрактивни?

Со понудата на туристичката агенција се обидуваме да бидеме оригинални и препознатливи на пазарот на туристички услуги. Аранжманот за Португалија е доста атрактивен, со транзитирање низ 7 држави и туристички разгледи во 3 држави, со комбиниран превоз со автобус и брод. Во овој период од годината расте интересот за летните туристички аранжмани, па имаме доста интересен избор на хотели и апартмани во Италија, Грција и Турција. Целокупната туристичка понуда може да се погледне на нашата веб страна.

БИ: Први почнавте онлајн да продавате автобуски билети. Дали планирате да воведувате нови услуги во онлајн продажбата?

Особено сум горд на онлајн продажбата на автобуски билети за која сме сè уште единствена превозничка фирма што ја нуди оваа услуга на македонскиот пазар. Процентот на продадени билети преку интернет не е многу голем, се движи околу 1%, но сепак сметам дека нашето општество неповратно се движи кон сè помасовно користење на е-трговијата. Оваа година ќе ја прошириме и онлајн понудата и на туристичките аранжмани, но сметам дека овој сегмент ќе биде помалку искористен поради фактот што потенцијалните туристи повеќе сакаат личен контакт со агентите во туристичката агенција со што ќе добијат многу повеќе информации и објаснувања за местата кои ќе ги посетат и објектите во кои ќе бидат сместени.

g2

БИ: Што им нудите на странците кои сакаат да ја посетат Македонија?

Во разговорите што ги водевме со вработените во туристичката агенција заклучивме дека туристичката понуда мораме да ја прошириме и со привлекување на странски туристи во Македонија (т.н. инкаминг туризам). За таа цел дизајниравме неколку туристички тури за посебни групи (вински туризам, црковен туризам, прошетки низ природните убавини на Македонија). Во тек сме со преговори со туроператори од европски земји кои сакаме да ги заинтересираме за убавините на Македонија, па тие да почнат да нè промовираат во своите земји. Веќе имаме и конкретен договор за првата група на шведски туристи кои треба да пристигнат во тек на месец октомври.

БИ: Заедно со Стопанската комора за туризам на Македонија работите на воведување на категоризација на автобусите. Што значи тоа, какви категории ќе има?

g3Првата фаза од проектот за категоризација на автобусите веќе е завршена и на саемот за туризам Скопје Травел Маркет минатиот месец направивме промоција на овој проект. Предвидени се пет категории на автобуси кои ќе се препознаваат со систем на ѕвезди, аналогно на категоризацијата на хотелските капацитети. Со тоа на патниците и туристите ќе им се понудат опции за избор на најсоодветен превоз кој одговара на нивните потреби. Исто така, организираните туристички групи ќе може да изберат со какво ниво на опременост и комоција ќе биде нивниот автобус и со тоа ќе се избегнат недоразбирањата кои често се јавуваат при несоодветна понуда на возило кое не ги исполнува бараните критериуми за квалитет.

БИ: Во која насока ќе се движите понатаму? Какви се вашите планови за во скора иднина?

Како компанија која нуди задоволство на луѓето преку патувања и одмор мораме да бидеме што поиновативни за да можеме да привлечеме поголем круг на наши клиенти. А мора да признаеме дека тоа, во овие времиња, е прилично тешка задача поради фактот што луѓето се примарно насочени кон задоволување на основните животни потреби, а дури потоа кон вложувања во патувања и туризам. Сепак, се трудиме да бидеме различни и препознатливи на пазарот, ако со ништи друго, барем со квалитетот и сигурноста кои ги нуди нашиот бренд.