Секој петти кредит во Србија не може да се наплати

20

krediti srbijaФирмите и граѓаните не можат на банките да им вратат преку 2,7 милијарди евра, односно една петтина од одобрените заеми, покажуваат последните податоци на Народна банка на Србија (НБС). Од овој износ, компаниите не се во можност да вратат 2,15 милијарди евра, а остатокот отпаѓа на граѓаните, претприемачите и земјоделците, кои се ставени во иста категорија. Банкарите овие кредити ги ставаат во категоријата тешко наплатливи, а аналитичарите проценуваат дека околу 10% од нив ќе бидат отпишани, пишува Новости.

Според податоците на НБС, граѓаните на Србија спаѓаат во добрите плаќачи. Но, банкарите не оставаат ништо на случајот. Кога клиентот нема да плати рата, прво почнуваат да праќаат СМС пораки и да се јавуваат телефонски, па потоа праќаат опомени. Доколку ни тогаш не се подмират обврските, се повикуваат жирантите на плаќање, се активираат административни забрани, па потоа се започнуваат правни постапки.

За претпријатијата кои доцнат 90 дена со отплата, банките најчесто ги репрограмираат обврските, за да може фирмата да продолжи да работи. Банкарите не сакаат да прибегнуваат кон блокирање на сметката на должникот, затоа што оваа метода на наплата дава резултати само кај фирми чиј бизнис не е загрозен, а имотот е ликвиден. Освен тоа, доколку се блокира сметката на должникот, тој најчесто се префрла да работи преку други компании, поврзани лица или отвора нова компанија.