Што да направите ако сте измамени при купување преку интернет?

1980

Воведувањето на вонредната состојба, ограничувањето на движењето, затворањето на одредени продавници и потребата од самоизолација придонесоа да се сменат навиките, односно потрошувачите да се ориентираат кон онлајн купување, што има свои предности: заштедува време, пари и ја намалува комуникацијата.

Сепак, тука се и негативните искуства кои се претставуваат преку поплаките во советувалиштето на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) во Скопје и во другите организации на потрошувачи, а се согледуваат и преку анкета која е спроведена на оваа тема.

Вкупно 55% од вкупниот број потрошувачи се одлучиле да купуваат на овој начин, додека 44% сѐ уште не се одлучуваат за купување онлајн.

При онлајн купувањето најголем број потрошувачи се одлучиле да купуваат текстил и текстилни производи, односно 44%, а нешто по малку (32%) купувале различни производи од компјутерска галантерија. Околу 25% од потрошувачите купувале обувки, а 20% козметика. Нешто помалку, односно околу 19% купувале прехранбени производи, а само 15% се одлучиле за бела техника (фрижидери, машини, шпорет, мали технички производи – фенови, пегли, машинки и сл.). Најмал дел од испитаниците, односно само 11% се одлучиле да купат електронски апарати (мобилни телефони, телевизори, лаптопи, преносни компјутери).

Дури 60% од потрошувачите коишто се одлучиле за онлајн купување производи, при купувањето се соочиле со некаков проблем, а 39% од нив се изјасниле дека немале никаков проблем при онлајн купувањето. Голем процент од потрошувачите коишто се изјасниле дека се соочиле со проблем при онлајн купувањето, односно 26% од нив имале проблем со несоодветниот квалитет на производот, а на 16% од испитаниците производот им бил испорачан надвор од предвидениот рок во договорот со продавачот.

Вкупно 14% од испитаниците немале начин да го вратат производот и да си ги вратат платените пари, поради тоа што не можеле да воспостават контакт со продавачот, односно поради неговата недостапност. На 13% од потрошувачите нарачаниот/купениот производ воопшто и не им бил доставен, а ист процент од испитаниците одговориле дека испорачаниот производ според неговите карактеристики воопшто не одговарал со нарачаниот (различен модел, боја, големина и сл.).

На 10% од испитаниците при испораката на производите не им била издадена фискална сметка за производот којшто го платиле во готово или фактура за електронско плаќање, а на 6%, при купување на бела техника и технички апарати, за производите кои ги купиле и подлежат на гаранција не им бил издаден гарантен лист 69% од испитаниците сметаат дека во е-трговијата спаѓа и тргувањето преку социјалните мрежи, а само 31% се изјасниле дека во е-трговијата не спаѓа и тргувањето преку социјалните мрежи.

Во советувалиштето на ОПМ и кај Државниот пазарен инспекторат често се јавуваат измамени потрошувачи кои купувале преку социјалните мрежи, мислејќи дека подоцна, при евентуални настанати проблеми, ќе можат да ги остварат своите потрошувачки права, иако купуваат производ од нелегални продавачи, без фискална сметка и без доказ за извршена трансакција.

Што треба да направите во случај да бидете измамени при купување преку интернет?

Ако сте измамени при купување од интернет или сте незадоволни од испорачаните производи и/или услуги, а притоа не сте сигурни каде да се обратите, можете да се обратите на онлајн платформата за пријавување на ОПМ, на електронската адреса sovetuvanja@opm.org.mk или на телефонскиот број 02/3179 592.

Доколку сте измамени или незадоволни од непрехранбени производи купени онлајн, туристички патувања и други туристички услуги, или од цените и начинот на истакнување на цените (кога се работи и за прехранбени производи во ваков случај), треба да пријавите во Државниот пазарен инспекторат.

Ако сте купиле онлајн прехранбени производи, а не сте задоволни или се чувствувате измамени, тогаш случајот треба да го пријавите во Агенцијата за храна и ветеринарство, на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222, при што треба да оставите податоци (име и презиме, адреса и телефонски број за контакт) со точен опис на проблемот. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ви даде поддршка во решавањето на проблемот, а по потреба добивате и писмено известување.

Ако сте купиле детски играчки или козметички средства, козметички производи за кои сметате дека сте оштетени или сте измамени при онлајн купувањето, вашиот проблем треба да го пријавите во Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој врши контрола на промет на предмети за општа употреба, детски играчки, козметички производи, користење на солариум и други активности за нега и за разубавување и активности со кои се продира во кожата (тетовирање, пирсинг, трајна шминка, акупунктура, нехируршка липосукција, употреба на ботокс, користење на ласер и слично).

Надлежен орган за постапување при секоја измама при интернет купување и нелегална продажба од страна на лажни трговци и онлајн станици е и Министерството за внатрешни работи, Сектор за компјутерски криминал.

Доколку забележите дека од вашата трансакциска сметка се повлечени повеќе средства отколку вредноста на производот, веднаш контактирајте ја вашата банка, или контакт центарот за процесирање на картичните трансакции, за блокирање на картичката и за пријавување на неправилноста.

На што да внимавате при пандемијата со Ковид-19?

Со појавата на вирусот Ковид-19, е-трговијата доби поголемо значење поради рестрикциите на движењето и задолжителната примена на заштитните мерки на јавните места. Следејќи ги упатствата на Европската Унија имајте ги предвид и појавите на новите онлајн измами, односно бидете внимателни доколку забележите дека трговците при нивните маркетинг кампањи:

  • Користат изјави кои сугерираат дека производите можат да превенираат или излечат инфекција од Ковид-19;
  • Упатуваат на здравствени професионалци, експерти или други неофицијални извори тврдејќи дека производите можат да превенираат или излечат инфекција од новиот вирус;
  • Упатуваат на име или лого на владини институции кои, наводно, ги потврдиле производите што се нудат на продажба без да дадат линк до службените документи кои тоа тврдење го потврдуваат;
  • Користат тврдења дека има големи побарувања за продаваните производи, односно нивен недостиг, користејќи термини како што се: “достапни само денес“, “побрзајте со нарачката, производите ќе бидат бргу распродадени“ или слични изјави;
  • Информации за условите на пазарот, користејќи изјави како што се “најниска цена на пазарот“, “единствен производ што може да лекува инфекции со КОВИД-19“ или слично;
  • Користат цени што се далеку повисоки од вообичаените цени за слични производи, поради фактот дека тие, наводно, би спречиле или лекувале инфекција со КОВИД-19.

Фото: Freepik