Слаб интерес во Хрватска за скратено работно време

54

Мерките на властите во Хрватска за зачувување на работните места, од март до јуни оваа година, ги искористија повеќе од 104.000 работодавачи. За секој од 618.000 вработени добивале по 535 евра за да може да покријат дел од трошоците за нивните плати.

Во јуни, како што пишува ХРТ, воведена е нова мерка, а тоа е скратено работно време. Иако се очекувало поголем интерес, за таа мерка до крајот на јули се пријавиле само 345 работодавачи.

“Најчесто не работиме во петок, а неколку делови од производството дури и повеќе од еден ден во неделата мора да бидат отсутни, бидејќи едноставно немаме за сите фази еднаква вработеност“, вели Татјана Готал, член на Управа на компанија за производство на чевли.

Државата, како што се наведува, ќе им “покрие“ дел од платите за вработените, во зависност од тоа колку им е скратено работното време, максимум од 265 евра по работник. Овие мерки тешко може да се применат на сите дејности.

Според хрватската државна телевизија, повеќе од 52% од поднесените барања се од преработувачката индустрија.

Оваа мерка е направена по примерот на германската програма за државен надомест за скратено работно време, Kurzarbeit, којашто се покажа како ефикасна во заштита на пазарот на труд за време на кризата во 2009 година.

Фото: Freepik