Со проектот за Дримскиот басен до поголема контрола на еко-системот на Охридското Езеро

20

Имплементацијата на Проектот за Дримскиот басен се очекува да придонесе за поголема контрола на состојбите на еко-системот на Охридското Езеро, особено на нивото на водата во Eзерото чиј водостој последните години бележи значителни осцилации, последица што на климатските промени, што на човечкиот фактор.
“Некои од осцилациите на нивото на Охридското Езеро се последици на природни појави, како сушни и врнежливи периоди, но во иднина мора да се внимава и на човековите активности бидејќи Eзерото се третира како ресурс за производство на електрична енергија. Токму една од компонентите на Проектот за Дримскиот басен е посветена на капацитетот на Дрим како воден басен во контекст на потенцијал за производство на електрична енергија, односно ќе мора и тука да се воспостават одредени правила што ќе водат сметка на еколошкиот аспект”, истакна Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за Охридското Езеро и член на Кор-групата за реализација на Проектот Дримски басен.
Слични размислувања за водостојот во Охридското Езеро споделуваат и еколозите од Охрид.
“Охридското Езеро не смее да се третира како вештачка акумулација на вода за производство на електрична енергија, туку како природен еко-систем, односно да се води сметка за одржување на нивото на водата во некои природни разумни осцилации”, рече Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво Грашница од Охрид.
Тој изрази надеж дека во иднина ќе биде разработен систем што би го регулирал нивото на Езерото, притоа како пример посочувајќи изградба на преливен праг на самиот истек на реката Црн Дрим во Струга што би го одредил дефинитивно најниското ниво на Езерото, некаде на котата 693,1 метри надморска височина.
“Останува на надлежните институции на Македонија и на Албанија тоа да го договорат, оттаму што нивото на Езерото најмногу варира како последица на искористувањето на водите од сливот на Езерото за потребите на двете држави од електрична енергија”, додаде Зороски.