Стари капацитети ќе се нудат како brown field инвестиции

65

76EA95B41B543344B2D403C798F9E928Голем број на стари хотели, одморалишта, оранжерии, делови од комбинати, производни површини, фабрики, хали, сали, магацини, деловни згради ќе бидат повторно ставени во употреба како погодни за реализација на brown field инвестиции.

Ова решение беше донесено откако Владата изработи база на податоци за нив изработена низ подолг процес на прибирање на податоци и во соработка со сите државни институции, но и со стопанските комори, комерцијалните банки, Комората на извршители и Комората на стечајни управници.

“Самата листа содржи над 400 единици на ресурси, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од комплекси од поранешни производни капацитети. За секоја единица ресурс постои опис на објектите кои ги содржи, на дополнителниот простор во негов состав, на видот на сопственоста, на инфраструктурната поврзаност со пат, на приклучокот за струја, вода, телефон и интернет, на видот на оптоварување на објектот доколку постои оптоварување и контакт податоци за субјектите”, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Влада.

Овие капацитети се погодни за користење и од страна странски и од домашни субјекти за реализација на нивни инвестиции и деловни потфати.

Оваа листа со база на податоци ќе се најде како демо верзија на интернет страната на Владата и на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, за да може потенцијалните заинтересирани страни да се запознаат и да стекнат првичен впечаток за можностите и податоците, а потоа ќе се изработи специјализирана интернет страна за можностите и ресурсите за brown field инвестиции.

“Агенцијата за странски инвестиции ќе ја оперира оваа листа, а податоците од неа ќе бидат испратени и до дипломатско-конзуларните претставништва и економските промотори за промоција на капацитетите од неа пред странските инвеститори. Листата ќе биде отворена за надградување и дополнување и сите субјекти кои имаат интерес за објава на истата ќе може тоа да го направат преку Агенцијата за странски инвестиции, која ќе дава и дополнителна логистика за поврзување меѓу интересентите и сопствениците на ресурсите од листата”, појасни Ѓорѓиев.

Меѓу попознатите капацитети што се најдоа на листата се: Фабрика за акумулатори – Пробиштип, Јака табак – Радовиш, Фротирка – Делчево, Македонка – Штип, Фабрика Македонија – Неготино, Хемтекс, Застава – Охрид, Езерка – Охрид, АДГ Маврово, Порцеланка – Велес, Kиро Kучук – Велес, Отекс, ЕМО, Металка – Kичево, Kарпош – Kрива Паланка, хотел Македонија – Берово, одморалиште Стар Дојран, хотел Фламенго Охрид, МЗТ Пумпи Берово, Огражден, Фабрика за кабли – Неготино, Леснина, Бујото…

Ова претставува значаен потег за креирање на позитивна клима и обезбедување на услови за реализација на brown field инвестиции, што ќе биде од корист и за странските и за домашните инвеститори. Исто така ќе придонесе и за забрзување на стечајните постапки и рационализација во разлачувањето на имотот и можностите за реорганизација на деловниот потфат на стечајниот субјект.