Светските цени на оризот во јули пораснаа најмногу во изминатите 12 години

120

Светските цени на оризот во јули беа највисоки од септември 2011 година, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во јули глобалниот индекс на цените на оризот се зголеми месечно за 2,8 отсто, на 129,7 поени, што е највисоко во последните речиси 12 години, пренесува Танјуг.

Според CNBC, во споредба со јули 2022 година, оризот поскапел за 19,7 отсто поради забраната на Индија за извоз на некои видови ориз и неповолните временски услови кои би можеле да влијаат на производството.

„Некои добавувачи се загрижени за потенцијалното негативно влијание на климатскиот феномен Ел Нино врз производството на ориз, како и за прекинот на жетвата во Виетнам поради дождовите, што ги зголеми цените“, се додава во извештајот.

Индија, водечки светски извозник на прехранбени производи, го забрани извозот на бел ориз кој не е басмати на 20 јули, бидејќи владата во Њу Делхи се обидува да го запре растот на цените на оризот во земјата, а истовремено да обезбеди доволно залихи „по разумни цени“.