ЦЕФ ги претстави реформите на НБРМ за статистика на финансиски сметки

22

Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), како меѓународна организација чијашто мисија е да го поддржи развојот на капацитетите на финансиските службеници во Југоисточна Европа, деновиве ги претстави реформите и резултатите коишто Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ги оствари со активностите спроведени досега од доменот на статистиката на финансиските сметки, стои во соопштението.

Притоа, НБРМ преку веб – платформата на ЦЕФ ги сподели своите искуства од овој значаен реформски процес и тоа од започнувањето на овие активности во 2007 година, па до сега.

Кон крајот на минатата година, по големата посветеност на развојот на овој значаен сегмент на централно – банкарската статистика, НБРМ го оствари првиот пренос на податоци за финансиските сметки до статистичката служба на Европската Унија – Евростат.

Годинава, НБРМ ги испорача и статистичките податоци за движењата на финансиските сметки на државата, коишто претставуваа значајна влезна компонента за табелите за известување за ЕДП. Со тоа се направи уште еден голем чекор кон исполнување на барањата на ЕУ во сферата на статистиката, а во согласност со стратегиските цели на НБРМ.

Како што беше нагласено и во претставувањето, НБРМ е подготвена и за натамошните предизвици во развивањето на статистиката на финансиските сметки. Обезбедувањето квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди, е една од нејзините стратегиски определби, дефинирани и во нејзиниот Стратегиски план за следниот тригодишен период.

НБРМ е единствената централна банка чиишто искуства од доменот на статистиката на финансиските сметки ЦЕФ ги афирмира на ваков начин пред сите свои членки. Тоа е уште една потврда дека НБРМ не е само една од институциите коишто се двигатели на реформите на статистичкиот систем на Република Македонија, туку и еден од регионалните лидери во централно – банкарската заедница, во сферата на централно – банкарската статистика.

Претставувањето на реформите и резултатите коишто НБРМ ги оствари со активностите спроведени досега од доменот на статистиката на финансиските сметки е достапно на веб – страницата на ЦЕФ.