Туристите треба да имаат негативен корона тест за да ја посетат Грција

832

Грчкиот министер за туризам во четвртокот изјави дека сите туристи кои планираат да ја посетат Грција ова лето, по почетокот на сезоната што започнува на први јули, мора да имаат негативен тест на коронавирусот пред да се качат во авион, пренесува Greekreporter.com.

“Идејата е да се изврши проверка во земјата пред туристите да тргнат во Грција, така што луѓето кои веќе се во авионот да се чувствуваат безбедни затоа што другите патници се исто така негативни на вирусот корона“, рече Харис Теохарис за германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung.

Иако потенцираше дека епидемиолозите сè уште не донеле конечна одлука, министерот потенцира дека луѓето мора да имаат можност да се одморат и да не се прашуваат на плажа која е стапката на зараза во земјата од каде дошол туристот што седи до нив на плажа.

Според германскиот весник, моментално понудените тестови за вирусот корона на аеродромот во Виена чинат 190 евра.

Така, четиричлено семејство би требало да потроши и дополнителни 1.500 евра покрај трошоците за одмор, доколку се принудени да прават уште еден тест при враќање од одмор за да избегнат 14-дневен карантин во нивната земја.

Теохарис призна дека овој дополнителен трошок може да биде пречка за патување за многумина, но изрази надеж дека тестовите би можеле да чинат 10 евра по човек до јули.

“Се прават огромни напори да се направат тестовите поевтини и поприфатливи“, рече тој.

Фото: Pixabay