УЈП: Викендот без ДДВ успешен, зголемен прометот на македонски производи, скенирани повеќе сметки

69

Управата за јавни приходи го заокружи првиот Викенд без ДДВ преку кој граѓаните можеа да остварат враќање на целосниот износ на ДДВ за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема.

Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

Во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66. 853. 929 денари. Управата за јавни приходи ќе им ги исплати парите на граѓаните на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки.

Од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи во овој Викенд без ДДВ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец е за 2,2 пати зголемена.
Дополнително скенирани се три пати повеќе фискални сметки и остварен е и 9,5 пати поголем промет од македонски производи овој викенд во однос на истиот од минатата година.

Првата мерка од четвртиот сет на антикризни мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија стартуваше токму со мерката,Викенд без ДДВ кој целосно ја спроведе Управата за јавни приходи.