По завршување на рокот за регистрација за целите на ДДВ за физичките лица кои оствариле приходи над еден милион денари во Управата за јавни приходи, УЈП има рок од 15 дена да изготви решение во однос на поднесената пријава за регистрација. Засега во УЈП немаат бројка колку физички лица имаат обврска да го сторат тоа. Состојбата ќе може да ја согледаат откако ќе завршат роковите за поднесување на годишните извештаи од исплатувачите на приходи и обработката на годишните даночни пријави за остварени дополнителни приходи, јавува Миа.
Сите даночни обврзници – физички лица кои вршат стопанска дејност оданочива за целите на ДДВ, а во претходната календарска година (2017) оствариле вкупен промет над 1.000.000 денари имаат обврска до УЈП да поднесат Пријава за регистрација за целите на ДДВ најдоцна до 15-ти јануари 2018 година.
“Согласно член 51-а од Законот за ДДВ, надлежниот даночен орган по Пријавата за регистрација за данок на додадена вредност донесува решение во рок од 15 дена од денот на поднесување на пријавата. Дополнително за да може органот за јавни приходи да утврди колку обврзници оствариле промет над 1.000.000.00 денари, потребно е да се обработат податоците од Годишните извештаи од исплатувачите на приходи кои ги доставуваат истите до УЈП најдоцна до 31-ви јануари 2018 година, како и од обработката на годишните даночни пријави за утврдување на годишниот данок на доход за 2017 година, чиј рок за поднесување е заклучно со 15-ти март 2018 година. По целосен внес и обработка на поднесените пријави Управата за јавни приходи ќе ги сумира податоците и ќе може да ги согледа состојбите“, велат од Управата за јавни приходи.
Во оваа категорија влегуваат приходи остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и сл.
Во Македонија, според Законот за ДДВ, даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Ваквата обврска постои со донесување на Законот за ДДВ во 1999 година. До први јануари 2015 година прагот беше повисок и изнесуваше два милиони денари, а од први јануари 2015 година со измени на Законот е намален на еден милион денари.
Ова е втора година по ред во којашто треба физичките лица да поднесат пријава до Управата за јавни приходи кои оствариле еден милион денари, односно за 2016 и годинава за остварени приходи во 2017 година.
Според законот, глобите за физичките лица кои нема да се регистрираат како ДДВ обврзници изнесуваат од 250 до 375 евра.
Засега од Министерството за финансии нема информации дали ќе се менува прагот и дали тој ќе се зголеми повторно на два милиони како што беше пред 2015 година.