Унгарски инвеститори ја посетија Битола

22

28052013145251_madzari 2Бизнис делегација од Унгарија предводена од Атила Галамбош, претставник на стопанската комора на Унгарија, вчера се сретна со градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, со кого договорија календар на активности за заедничка соработка.

На средбата присуствуваше и Орбан Чаба технички директор во битолската фабрика на германската компанија Кромберг и Шуберт, кој ги пренесе своите позитивни искуства од можноста за инвестиции во индустриската зона Жабени.

Гостите од Унгарија, предводени од унгарскиот конзул Сашо Јанакиевски имаа можност преку проекција на краток филм да се запознаат со можностите за инвестирање кои ги нуди општина Битола.

“Посетата во Битола е успешна и одлична затоа што добивме многу корисни информации околу можностите за инвестирање, како и за проекти од сферата на туризмот. Сигурен сум дека тука ќе го пронајдеме нашиот заеднички интерес, посебно во индустрискиот дел, за што на градоначалникот му најавивме голема посета со бизнисмени во текот на месец јули”, изјави Галамбаш.

Битолскиот градоначалник изјави дека во фабриките што веќе функционираат или се градат во индустриската зона Жабени, до крајот на годината ќе бидат регистрирани илјада нови вработувања.

“Не случајно инвеститорите доаѓаат во Битола. Тоа е така затоа што нашата понуда ја презентираме и во странство како што неодамна беше во Германија, Турција и други држави, а наскоро ќе промовираме инвестиција од Австралија, односно фабрика за пластични делови за автомобилската индустрија. Презентациите ќе зачестат со надеж дека нашите поволности за инвестирање ќе бидат препознаени и во други средини. Очекуваме до крајот на годината во индустриската зона да има нововработени лица чија бројка ќе надминува илјада вработени”, изјави Талески.