Вкупни депозити и кредити на корпоративниот сектор во август

26

pari-i-casovnik-pixabay

Фото: Pixabay

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во август се зголемени на месечна и годишна основа, за 3,2% и 6,2% соодветно, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија (НБРМ). Притоа, најзначаен придонес кон месечниот и годишниот раст имаат депозитните пари и краткорочните депозити.

Во август, вкупните кредити на корпоративниот сектор, идентично како и минатиот месец, бележат надолна месечна промена од 0,2%, главно детерминирано од денарската компонента. Од друга страна, на годишна основа состојбата на кредитите одобрени на корпоративниот сектор е зголемена за 1%, при раст на денарското кредитирање, наспроти годишниот пад кај девизното кредитирање.

Кај вкупните депозити на домаќинствата, овој месец е регистриран месечен раст од 0,6%, којшто во најголем дел е предизвикан од растот на депозитите во странска валута. На годишна основа, депозитите на домаќинствата бележат зголемување од 5,7%, при раст и на денарските и на девизните депозити, со позначителен придонес на депозитите примени во денари.

На крајот од август, кај вкупните кредити на домаќинствата е евидентиран месечен и годишен раст од 0,8% и 10% соодветно. Притоа, зголемената месечна и годишна кредитна активност кон домаќинствата во најголем дел е насочена во денарски пласмани.

Анализирано по намена на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити, во август продолжува позитивниот тренд на месечен раст од 0,6% и 1,4% соодветно, додека годишниот раст изнесува 12,2% 14,2% соодветно. Од друга страна, автомобилските кредити и натаму бележат надолен тренд, при месечно и годишно намалување за 0,4% и 9,4% соодветно. Во текот на август кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележан месечен раст од 0,4% при годишно намалување од 0,7%. Овој месец кај негативните салда на тековните сметки е регистриран месечен и годишен раст од 1,3% и 2,9% соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечно намалување од 0,4% при годишен раст од 1,7%.