Владината мерка за отпис на каматите пред Собранието

22

kamatiНа дневен ред денес, во Собранието на Република Македонија, ќе биде Владината мерка за отпис на долговите по однос на обврски од пензиско и од здравствено осигурување заради поддршка на ликвидноста во стопанството и надминување на последиците од светската економска криза.

Оваа мерка има за цел Владата да им се излезе во пресрет на барањата на стотици македонски фирми, во врска со заостанати обврски по основ на пензиско и здравствено осигурување. Според проценките вредноста на каматите кај долгот по основ на пензиско осигурување изнесува 40% од долгот.

Двата нови предлог закони, од кои едниот за пензиско и другиот за здравствено осигурување, ќе им овозможат на фирмите, за сиот настанат долг по основ на придонеси за пензиско осигурување заклучно со 1 јануари 2009 година, да се отпишат каматите доколку во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето фирмата ја плати главницата на заостанатиот долг. Исто така се овозможува да се отпишат каматите за долгови по различни видови на придонеси кои настанале во периодот од почетокот на 2009 до крајот на 2012 година.

“Ако основниот долг за придонесите се плати во рок од шест месеци се овозможува да се изврши 100 процентно отпишување на каматата, ако долгот се отплати за период меѓу шест и 12 месеци ќе се отпише 75% од каматата, а ако долгот се отплати во период од 12-18 месеци ќе се отпишат 50% од каматата”, појасни министерот Ставрески.

Третата мерка се однесува само на долгот за здравственото осигурување кој настанал до 2009 година. Имено, ако фирмата во наредните три години заклучно со крајот на 2015 година, редовно ги исплаќа тековните обврски по основ на придонес за здравствено осигурување, по три години ќе и бидат отпишани сите заостанатите обврски-основниот долг и каматата.

Фирмите ќе можат да поднесуваат барања за отпис на овие долгови, по стапувањето во сила на законите, а во меѓувреме ќе се направат финалните пресметки за тоа колкав е нивниот долг.