Во Македонија ќе се градат пасивни куќи за заштеда на енергија

118

timthumbГрадежна компанија Цивкон, стручна за изведба на објекти од високогадбата, со своето двегодишно постоење сака да воведе таканаречени пасивни куќи во Македонија.

Опис за ваков тип на дом би бил стан од 60 квадратни метри што за греење и ладење годишно троши по 2.700 денари, што го менува воздухот на секои три часа, нема прашини, застојан воздух, бактерии и честички и има изолација што чува константна температура.

Планирано е од септември и во Македонија да почне изградба на вакви домови, згради и куќи, за што ќе треба да се одвојат 30% повеќе пари од стандардна куќа, но тој влог се исплати во рок од три до седум години.

Благодарение на единствениот сертифициран дизајнер за изведба на т.н. пасивни објекти, компанијата Цивкон е испорачател на моментално највисокиот енергетски стандард во градежништвото.

“Ако само 10% од објектите кои во моментов ги има кај нас се приспособат во пасивни објекти, земјава ќе има за 400.000 тони годишно помала емисија на јаглерод диоксид”, изјави Андреј Андреев, технички директор во Цивкон, експерт за енергетска ефикасност и прв сертифициран инженер за пасивни куќи во земјава.

Потрошувачката кај пасивните куќи во однос на стандардните градби, е намалена и до 20 пати.

“Овој стандард, измерен и одобрен од страна на Институтот за пасивни куќи во Германија (Passive house institute Darmshtard) ветува потрошувачка на максимум 15 киловат часа енергија по метар квадратен годишно за загревање и ладење, односно вкупно потрошената енергија не смее да надмине 120 киловат часови по метар квадратен годишно. Или повизуелно претставено, за стан од 50м2 годишната потрошувачка на енергија за греење и ладење нема да надмине 750 kWh, а вкупната потрошувачка на енергија ќе биде под 6000 kWh годишно”, објаснува Андреев.

Според него за стан од 60 квадрати годишниот трошок за греење и ладење просечно ќе чини 2.700 денари или помалку од 250 денари месечно, ако станот се грее и лади на струја.

Од пред повеќе од 30 години многу семејства ширум светот живеат комфорно и со ниски трошоци благодарение на нивните пасивни куќи, а најмногу во нив се живее во Австралија, Нов зеланд, Германија и Шведска.

Во Македонија не постојат објекти кои што се изградени според концептот на пасивната градба, ниту пак има правилник на републичко ниво за изградба на енергетски ефикасни објекти.