Во PrymApps вработуваме луѓе со позитивен став кон иднината и видлива мотивираност

21
ilijanco
Илијанчо Гаговски, основач на PrymApps

Изборот на вработените е без сомнение најважната функција на секој менаџер. При изборот на луѓето, познавањето на технологиите е факторот кој служи како квалификатор да разговараме со кандидатите, но одлучувачки фактор е нешто друго.

БИ: До пред некое време бевте прв човек на Мајкрософт Македонија. По 11 години работа за овој гигант, се решавате да го напуштите и да започнете сопствен бизнис. Што беше пресудно да се одлучите на ваква промена?

11-те години во Мајкрософт беа извонредно убав период за мене – како во професионален смисол, така и во приватниот живот. Во тој период на професионален план многу напредував и имав можност да бидам активен чинител во развојот на македонската ИТ индустрија. По толку време, најголем дел од нештата кои си ги поставив како задачи ги остварив, па следниот чекор во градењето на корпоративна кариера беше единствено можен во форма на регионална функција во корпорацијата, што подразбираше режим на работа и патувања кои многу ќе влијаеjа на мојот приватен живот. Паралелно со ова, веќе подолго време имав идеи за развој на приватен бизнис, кои не можев да ги започнам се додека работев за корпорацијата. Почувствував дека со моите 20 години искуство во индустријата од една страна и економската криза која ги успори инвестициите во развој на ИТ решенија во регионот, токму сега е времето да го направам овој исчекор и да започнам свој бизнис.

БИ: Повторно сте во истата бранша, Вашата компанија Prymapps е од ИТ индустријата. Какви производи и услуги нудите? Каков софтвер имате развиено?

Првиот производ кој го развивме е Аспектал, case management за адвокатски канцеларии и корпоративни правни служби. Производот овозможува креирање, менаџирање и контрола на сите активности поврзани со водење на случаите, креира потсетници за следни активности, создава база на знаење за изминати предмети и за интеракции со сите учесници во нив и секако генерира фактури според обемот и видот на услугата.

prymapps

БИ: Колку е тешко да се најдат вистинските луѓе за работа, особено кога компанијата е на почеток? На што давате предност при изборот на програмери?

Изборот на вработените е без сомнение најважната функција на секој менаџер. При изборот на луѓето, познавањето на технологиите е факторот кој служи како квалификатор да разговараме со кандидатите, но одлучувачки фактор е нешто друго. Во PrymApps вработуваме луѓе со позитивен став кон иднината, видлива мотивираност за нови сознанија и чувство на одговорност.

БИ: Каков е вашиот став во однос на тоа каде се движи ИТ секторот?

Во ИТ секторот работите се движат многу брзо и во многу различни насоки. Мислам дека во Македонија повеќето компании ориентирани кон брз раст разбраа дека е неопходно да се излезе од границите на Македонија и да се работи регионално, што е позитивно. Се појавуваат и многу мали и микро компании кои работат на развој на готови производи (а не само custom решенија) и/или мобилни апликации, кои се ориентираат на глобалниот пазар – што е уште подобро 🙂 Мислам дека денес е одлично време за инвеститорите да се заинтересираат за ваквите компании, заради тоа што потребните инвестиции се релативно мали (не се работи за градење фабрики, на пример, туку за опрема и средства за финансирање на развој на апликации – значи стотици илјади во споредба со милиони евра), а добивките можат да бидат многу сериозни.

Глобално, покрај очигледниот бум во областа на паметните телефони, таблет уредите и апликациите за нив, се јавува и еден нов тренд на wearable devices, кој можеби е следното големо нешто.

logo

БИ: Какви се Вашите планови за во скора иднина, во која насока ќе се развивате?

Во план се уште два производи во следните 18 месеци, повторно case management производи, прилагодени за други индустрии. Идејата е во првите три години да се позиционираме во поширокоит регион како водечка компанија за овој вид на решенија. Првиот чекор во овој правец ќе го направиме веќе во мај годинава со започнување на активности со партнери во Србија.