За над 35% зголемен број на одобренија за градење во јуни

31

Во јуни оваа година се издадени 273 одобренија за градење, што е за 35,1% повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 12.913.000.000 денари, што е за 469% повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период се издадени одобренија за градење на објекти од нискоградбата со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во Пелагонискиот Регион, делница 5 од магистралниот гасовод во Полошкиот Регион, биогасната и ветерна електроцентрала во Вардарскиот Регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во Југозападниот и во Пелагонискиот Регион.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 142 (52%) се наменети за објекти од високоградба, 54 (19,8%) за објекти од нискоградба и 77 (28,2%) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 273 објекти, на 159 (58,2%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 114 (41,8%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 519 станови, со вкупна корисна површина од 45.634 метри квадратни.

Фото: Freepik