Започна со работа центарот за возрасни лица – Резиденција Дабески

37

Лоциран на само осум километри од плоштад Македонија во општина Сопиште, започна со работа Резиденција Дабески, нов центар за возрасни лица изграден и опремен според сите Европски стандарди за ваков тип на домување.

Резиденцијата денеска ги отвори вратите за првите корисници кои своите пензионерски денови одлучија да ги поминат во мирно и прекрасно опкружување.

“Среќна сум што успеавме за многу краток период да ја реализираме нашата долгогодишна желба на возрасните лица на Македонија да им обезбедиме место за домување кое воопшто нема да наликува на стандардните објекти од ваков вид. Резидентите на Дабески ќе уживаат во топла и пријатна атмосфера, модерно уредени простории, пред се со врвна професионална нега но и многу богата социјална програма”, вели Даниела Дабеска, сопственик на Резиденција Дабески.

На официјалното отворање присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој го поздрави овој објект и нагласи дека оваа резиденција покрај понудата на нешто ново на македонскиот пазар од аспект на квалитет, грижа за корисниците и секојдневна содржина, истовремено ќе вработи и 20 лица од општина Сопиште.

“Ова е инвестиција од 350.000 евра, која што е потпомогната од Владата преку програмата за отворање на домови за стари лица, кредитната линија на МБПР како и програмата за обуки и самовработување. 25% од вкупната инвестиција отпаѓа на учеството на ИПАРД програмата”, изјави Спасов.

За корисниците 24 часа ќе се грижи тим од медицински сестри, негувателки, тим од доктори, физиотерапевти, психолог, социјален работник, нутриционист.

На корисниците им се обезбедени и редовни консултации со: Кардиолог, Интернист, Невролог и Ортопед.
Во богатата понуда на резиденцијата најголемо внимание кај јавност привлекува програмата за активно стареење која опфаќа: рекреација, забава, игри, уметност, спорт, придружба од личен асистент.

Резиденцијата располага со капацитет од 40 легла, а веќе голем дел од нив се исполнети.