Затворски туризам – прилика за излез од кризата

74

Тајланд планира една половина од затворите во земјата да ги искористи како туристички атракции со цел да ги привлече повеќе туристи. Земјата, што е сместена во југоисточниот дел на Азија, се соочува со сериозни економски последици во туризмот поради пандемијата.

“Спортски настани, изложби, кулинарски натпревари ќе бидат организирани во 72 од 143 затвори во земјата“, најави Сомсак Тепсутин, министер за правда на Тајланд.

Во пет затвори, како што наведува тој, веќе се спроведуваат пилот проекти.

“Ова не е само да се привлечат посетители, туку и да се подготват затворениците за нормален живот во општеството и да се промени имиџот на затворите од ‘зона на самрак во свет на можности’“, додал министерот.

Концептот на затворски туризам не е нов. Од посета на Алкатраз во Сан Франциско до затворот Хоа Ло во Ханои, којшто сега е музеј, затворите претставуваат големи атракции ширум светот. Исто така, некои поранешни затворски установи се трансформирани во луксузни хотели, женскиот затвор во Колумбија има ресторан што го водат затвореничките, а во затворот во Сингапур се организираат хуманитарни вечери.

Фото: Pixabay