Земји што имаат најмногу пари во оптек

61

Кина е лидер во светот според количината на пари во оптек. Според податоците на CIA Fact Book, Кина има 24,9 илјади милијарди долари во оптек.

Во првите пет земји што се на врвот на оваа листа се најдоа и: САД (14 илјади милијарди долари), Јапонија (8,9 илјади милијарди долари), Европска унија (8,1 илјади милијарди долари), Германија (3,2 илјади милијарди долари) и Велика Британија (нешто над три илјади милијарди долари).

Од земјите во регионот, најголема количина на пари во оптек има Грција. Оваа наша соседна земја се позиционираше на 50-то место со 156,9 милијарди долари. Пред нас, од земјите во регионот се и: Бугарија (на 66-то место со 52,5 милијарди долари), Хрватска (69-та со 49 милијарди долари), Словенија (на 86-та позиција со 24,5 милијарди долари), Србија (90-то место со 21,2 милијарди долари) и Босна и Херцеговина (101-ва со 13,3 милијарди долари).

Според податоците, Македонија е 127-ма од вкупно 196 земји во светот и има нешто над пет милијарди долари во оптек. Зад нас е само Црна Гора (150-та со 2,3 милијарди долари).

Петте земји со најниско ниво на готовина во оптек се: Монсерат (196-та со 100,7 милиони долари), Сао Томе и Принципе (113 милиони долари), Островите Кук (148 милиони долари), Микронезија (178,3 милиони долари) и Тонга (263,9 милиони долари).

Под поимот пари во оптек, во овој случај се подразбираат готовите пари, како и депозитите во банките и сите други видови на финансиски инструменти што се користат за плаќање.

Фото: Pixabay