Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во август

10

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во август оваа година е за 0,5 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, додека во однос на истиот период лани е зголемен за 5,5 процентни поени, оценуваат раководителите на деловните субјекти.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во август 2016, во однос на јули 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се дека ќе се зголеми, а залихите на готовите производи се зголемени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во август 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на август 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во август 2016 година изнесува 65,1% од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 24,1%, недоволната домашна побарувачка со 17,2% и недостигот на квалификувана работна сила со 14,3%.