Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември

23

Фото: Pixabay

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември 2018 година е зголемен за 0,2 процентни поени во однос на октомври 2018 година и изнесува 20,9, а во однос на ноември 2017 година е зголемен за 2,2 процентни поени.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во ноември 2018, во однос на октомври 2018 година е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени во однос на октомври 2018 година.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во ноември 2018 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна е и во однос на ноември 2017 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември 2018 година изнесува 68,7% од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 28,6%, недоволната домашна побарувачка со 16,2%, недоволната странска побарувачка со 15,7% и неизвесното економско опкружување со 10,1%.