Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во октомври оваа година е за 0,8 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на истиот период лани е зголемен за 7 процентни поени, покажува оценката на раководителите на деловни субјекти.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во октомври 2015, во однос на септември 2015 година, е поповолна, како и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци, а залихите на готови производи сe намалени.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во октомври 2015 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а како поповолна е оценета и во однос на октомври 2014 година. Истото се однесува и на оценката за бројот на вработени.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во октомври 2015 година изнесува 64% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 23,9%, недоволната домашна побарувачка со 23,8%, недоволната странска побарувачка со 23,7% и конкурентниот увоз со 6,8%.