Зошто Капали чаршија е преполна деновиве?

382

За време на пандемијата, побарувачката за злато се зголеми. Ова е особено забележливо во Турција, поточно во Капали чаршија, големиот пазар во Истанбул.

Единственото нешто што навистина се продава добро во Истанбул сега е злато, а трговците на злато во ниту еден момент немаа причина да се жалат на пандемијата. Нивните продавници се полни со клиенти од ден на ден, претежно оние кои имаат заштеда и се плашат од неизвесни денови во иднина, пренесува Дојче веле.

Мустафа е златар веќе 30 години, но вели дека никогаш нема толку многу работа, како во последните неколку месеци, односно од почеток на пандемијата.

“Понекогаш луѓето стојат во ред и пред да ја отворам продавницата. Мислам дека слободно можеме да зборуваме за “златна треска“, којашто ја предизвика пандемијата. Луѓето велат “којзнае што ќе се случи, што ако парите наскоро ни станат безвредни“, вели Мустафа.

За ваквото размислување, всушност има основа бидејќи турската лира слабее овие денови. Оваа валута и пред корона кризата не стоеше добро, а Турците посебно сега ги следат курсевите во менувачница. Додека лирата паѓа, цената на златото расте.

“Прачки, кованици…само да е злато“, вели Мустафа и додава дека луѓето го купуваат и покрај високата цена. Има и такви кои купуваат необработено злато.

“Дома чувам злато, како и многу Турци. Ние тоа го викаме штедење под перница“, вели еден од штедачите. Експертите проценуваат дека дека Турците чуваат злато во вредност од 280 милијарди евра, а тоа е скоро 40% од бруто домашниот производ.

Сепак, финансискиот аналитичар Озан Шакар наведува дека тоа е голем проблем за економијата на земјата.

“Оној кој купува злато, можеби индивидуално прави добра работа, но економијата може добро да работи само ако имотот се користи за нови инвестиции. Ако голем дел од имотот го криете, тоа долгорочно и штети на економијата“, вели тој.

Фото: Pixabay