Со 645 милиони ќе се развиваат малите и средни претпријатија

133

fond-580x580
Фото: Фонд за иновации и технолошки развој

Микро, малите и средните претпријатија ќе бидат најсилно поддржани преку мерките од Планот за економски раст. Тие ќе можат да ги користат мерките од сите три столба на Планот за економски раст, кои ќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и преку спроведување на среднорочната Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, како и мерки што ќе се спроведуваат преку министерството за економија.

Со среднорочната Програма за поддршка на мали и средни компании се овозможува дополнителна, посебна поддршка на малите и средни компании, коишто имаат право да ги користат и мерките од првиот и вториот столб од Планот за економски раст. Со оваа Програма, малите и средни компании ќе имаат можност да добијат 30% поврат на средства направени во инвестиции за градење на нови хали, купување машини и други основни средства, а доколку прават инвестиции за развивање на нови производи, државата ќе изврши поврат од 70% од направените инвестиции за развивање на новите производи. Во 2018 година за програмата се наменети 645 милиони денари.

Мерките ќе се реализираат преку јавни повици, три пати годишно, а компаниите ќе може да се пријавуваат во рок од 45 дена од денот на објавување. Во критериумите во однос на селекција на проектите што ќе се финансираат ќе се анализирааат: степенот на иновативност, квалитетот на проектот, капацитетот на проектниот тим потенцијалот на пазарот, како и влијанието на проектот врз општеството и животната средина.

Дополнително на планот на економски раст, во 2018 година, ќе се спроведува и Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации за каде што се наменети околу 38 милиони денари. Со годинешниот буџет од 38 милиони и 390 илјади денари, само за делот на Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, и дополнителни 9 милиони за мерки на индустриска политика и кластери, усвоена е програма којашто е збогатена со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите.